Јулија Свириденко избрана за премиерка на Украина, Шмихал се сели на ресорот одбрана

Украинската Врховна рада со 262 гласа „за“ ја избра досегашната вицепремиерка и министерка за економија Јулија Свириденко (39) за нова претседателка на Владата. Таа доаѓа на местото на Денис Шмихал, кој ја водеше извршната власт повеќе од пет години, најдолгиот премиерски мандат во историјата на независна Украина.

Шмихал се очекува да го преземе Министерството за одбрана, заменувајќи го Рустем Умеров, кој, според медиумските извештаи, е фаворит за нов амбасадор во САД.

Свириденко важи за клучен глас во економскиот тим на претседателот Володимир Зеленски, особено по склучувањето на договорите за критични суровини со САД. Во обраќањето по изборот, Зеленски истакна дека од новата влада очекува забрзана примена на реформите, спроведување на договорите со западните партнери и „максимална мобилизација на ресурсите“ за одржување на економската и општествената стабилност во време на воена агресија.

Изборот на Свириденко е дел од најголемата реконструкција на кабинетот од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Аналитичарите ја гледаат рокадата како обид да се зајакне координацијата меѓу економскиот и одбранбениот сектор и да се испратат сигнали кон западните сојузници дека Киев останува фокусиран на реформите и интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Претстои ратификација на новата владина структура и усогласување со меѓународните кредитори, особено во контекст на договорите за реконструкција постигнати на конференцијата во Рим минатиот месец. Во меѓувреме, парламентарни извори истакнуваат дека Зеленски ќе предложи и помали измени во економскиот тим, со цел да се осигура „континуитет и стабилност“ во преговорите со ММФ и Европската комисија.

Зачлени се на нашиот е-билтен