Каја Калас: Средбата Си–Путин–Ким во Пекинг е директен предизвик за меѓународниот поредок

Средбата во Пекинг на кинескиот претседател Си Џинпинг, рускиот лидер Владимир Путин и севернокорејскиот челник Ким Џонг Ун претставува „директен предизвик за меѓународниот поредок“, оцени високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.

„Овој состанок не само што испраќа антизападни сигнали, туку претставува и директен предизвик за меѓународниот систем заснован на правила – и тоа не е само симболично,“ изјави Калас пред новинарите во Брисел.

Таа потсети дека „Кина го поддржува рускиот воен напад врз Украина“ и додаде дека Европа мора да се соочи со тие реалности. Според неа, Москва и Пекинг зборуваат за заедничко предводење на промени во глобалната безбедносна архитектура „невидени во последниот век“.

Калас остро оцени дека појавувањето на Путин, Си и Ким заедно на големата воена парада во Пекинг претставува „проекција на мир низ цевка на пушка“, што е „спротивно од тоа како Европа го разбира мирот“.

Во период на засилени геополитички тензии, таа порача дека ЕУ мора да ја изгради сопствената моќ за да дејствува како рамноправен глобален актер и ги повика земјите членки да покажат „политичка храброст“.

Калас, исто така, ја искритикуваше неусогласеноста во ЕУ околу санкции против Израел и како пример го наведе војниот конфликт во Појасот Газа, каде, според неа, „Европа не ја користи својата геополитичка сила поради недостиг од единство“.

Зачлени се на нашиот е-билтен