Како е конзервирано телото на папата Франциск за јавно изложување и што претставува танатопраксија?

Телото на папата поминало низ строго регулирана процедура за конзервација, за да може да биде изложено за последно јавно простување.

Од 11 часот во среда, стотици илјади верници ќе имаат можност да му оддадат почит на папата Франциск во базиликата Свети Петар, каде неговото тело ќе биде изложено до петок.

За многу побожни католици, можноста да го видат папата по неговата смрт не е само ритуал, туку чин исполнет со духовност и благодарност.

За да биде овозможено ова изложување, телото на папата Франциск било подложено на техника на конзервација позната како танатопраксија, која овозможува јавна поставка на телото без употреба на поинвазивни методи.

Телото е поставено во едноставен метален ковчег сместен во дрвен, кој ќе остане отворен за време на изложувањето.

Пред својата смрт, папата Франциск инсистирал неговото тело да не биде изложено на катафалк, ниту во традиционалниот трострук ковчег од чемпрес, олово и даб.

Што е танатопраксија?

Танатопраксијата не е мумификација, туку техника на конзервација на телото која најчесто се користи за јавно изложување на починати лица.

Оваа пракса, која е регулирана со закон во Италија од 2022 година, се смета за современа еволуција на балсамувањето. Се разликува по тоа што користи помалку инвазивни супстанции и покажува поголема почит кон човечкото тело.

Таа вклучува хигиенска конзервација која ги запира процесите на распаѓање и овозможува задржување на природниот изглед на починатиот неколку дена.

Процедурата опфаќа:

-вбризгување конзерванси во артерискиот систем,

-целосна дезинфекција на телото,

-корективна шминка,

-и аранжирање на рацете и лицето за да се обезбеди мирен и достоинствен изглед.

Вековна традиција

Користењето на танатопраксијата има долга традиција во Католичката црква. Во текот на вековите, телата на папите биле конзервирани поради духовни и практични причини – заради јавното изложување, како и поради должината на самите погребни церемонии.

Во минатото, папите биле подложувани на балсамување – поинвазивна техника што вклучува отстранување на внатрешните органи и вбризгување формалин, алкохол и други хемикалии.

Со текот на времето, се посветувала сè поголема грижа на достоинството на човечкото тело, што ја навело Црквата да прифати посуптилни методи со повеќе почит кон починатиот.

Благодарение на танатопраксијата, телото на папата Франциск ќе може да остане изложено неколку дена, овозможувајќи колективно и свечено простување до неговиот погреб во сабота.

Зачлени се на нашиот е-билтен