Како ќе опстанат Харвард и другите универзитети по кратењата на Трамп

Замрзнувањето на финансирањето доаѓа во време на обидите на американската влада да ги задуши студентските протести и да изврши притисок врз универзитетите да се откажат од програмите за разновидност, еднаквост и инклузија.

Харвардскиот универзитет го тужеше американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација во обид да спречи замрзнување на 2,3 милијарди долари федерални средства за оваа институција. Оваа мерка уследи како дел од напорите на владата да ги ограничи студентските протести и да ги притисне универзитетите да се откажат од програмите за разновидност, еднаквост и инклузија (познати како DEI).

Американското Министерство за образование на 10 март испрати писма до 60 високообразовни институции, предупредувајќи на „присилни мерки“ доколку не ги заштитат еврејските студенти на кампусите, во согласност со Наслов VI од Законот за граѓански права. Во писмата се цитира и министерката за образование Линда Мекмеон која вели: „Американските колеџи и универзитети добиваат енормни јавни инвестиции финансирани од даночните обврзници. Таа поддршка е привилегија и зависи од строго почитување на федералните закони против дискриминација.“

Харвард поднесува тужба – зошто?

На 11 април, неколку владини агенции му испратија писмо на Харвард, во кое се тврди дека универзитетот „во последните години не ги исполнил интелектуалните и граѓанските услови што ги оправдуваат федералните инвестиции“. Од него се бара, меѓу другото, да ги укине сите афирмативни мерки при вработување и прием на студенти, како и да ги ревидира критериумите за прием со цел да се исклучат странски студенти кои „не се во согласност со американските вредности“, вклучително и оние што „поддржуваат тероризам или антисемитизам“.

Харвард ги одби барањата, оценувајќи дека станува збор за „директна владина регулација на ‘интелектуалните услови’ на Харвард“.

Неколку часа подоцна, работна група на Министерството за образование објави дека се замрзнати 2,3 милијарди долари средства за Харвард.

Харвард поднесе тужба на Окружниот суд во Масачусетс против неколку федерални агенции, вклучително и Министерствата за образование, здравство, одбрана, енергетика, НАСА и Националната фондација за наука.

Во тужбата стои: „Ова е обид на владата да го искористи ускратувањето на федералното финансирање како алатка за да се стекне контрола врз академското одлучување на Харвард.“

Колку би можеле да загубат Харвард и другите универзитети?

Замрзнатите средства за Харвард изнесуваат 2,2 милијарди долари во грантови и 60 милиони долари во договори. Трампова администрација најави и преиспитување на дополнителни 9 милијарди долари.

Слични мерки беа преземени и против други универзитети:

-Колумбија: 400 милиони долари замрзнати во февруари

-Универзитетот Пенсилванија: 175 милиони долари замрзнати поради дозвола за трансродови жени во женски спортови

-Универзитетот Корнел: преку 75 налози за прекин на работа на истражувачки проекти

-Северозападниот универзитет (Northwestern): налози за прекин на 100-тина грантови

Финансиската состојба на универзитетите

Многу универзитети располагаат со значителни фондови од донации:

-Харвард: 53,2 милијарди долари (најголем фонд меѓу универзитетите)

-Колумбија: 14,8 милијарди

-Корнел: 10,7 милијарди

-Northwestern: 14,3 милијарди

-Пенсилванија: 22,3 милијарди

Овие средства често се ограничени за специфични намени – стипендии, оддели, програми – според желбите на донаторите. Универзитетите трошат околу 5% годишно од тие фондови.

Како одговараат универзитетите?

Некои универзитети, како Northwestern, изјавија дека ќе продолжат со финансирање на истражувањата што се под удар на владата – барем засега. Но повеќето универзитети немаат таа можност и некои прифаќаат владини барања.

На пример, Колумбија прифати нови правила: студентите што протестираат мора да покажат студентска легитимација на барање, забранети се маски за сокривање идентитет (освен по верски и медицински причини), и се вработени 36 специјализирани чувари со овластувања за апсење.

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, неочекувано се повлече од одлуката за укинување на повеќе од 1.500 студентски визи, објави денеска претставникот на Министерството за правда, Џозеф Карили, за време на судско рочиште во Вашингтон.

Карили објасни дека имиграциските служби работат на развој на нов систем за преглед и евентуално укинување на визи, и дека до неговото финализирање нема да има нови поништувања.

Одлуката следува по бројните индивидуални тужби поднесени од студенти чии визи беа укинати без јасно образложение — во некои случаи поради ситни сообраќајни прекршоци, а во други без видлива причина. Дел од засегнатите студенти веќе ја напуштиле земјата.

Администрацијата во март започна со поништување на визи и депортација на студенти кои учествувале на антиизраелски протести, но судовите привремено ја стопираа оваа мерка. Стотици студенти, главно од Индија и Кина, добија известувања за укинување на визите, што предизвика сериозна загриженост во академските кругови.

Карили најави дека Владата наскоро ќе ја официјализира новата политика, што ќе донесе олеснување за многу странски студенти кои сакаат да ги продолжат своите студии во САД.

Зачлени се на нашиот е-билтен