Како проект добива статус на стратешки според правилата на ЕУ: што значи тоа и кои се критериумите

Европската Унија сè поинтензивно ја насочува својата политика кон обезбедување стабилни извори на суровини кои се од клучно значење за иднината на континентот – особено во контекст на зелената и дигиталната транзиција. Во таа насока, ЕУ усвои нов закон – Законот за критични суровини (CRMA) – со кој утврдува јасни цели, планови и критериуми за поддршка на проекти што ќе ѝ помогнат да ја намали зависноста од увоз и да гради сопствени капацитети за снабдување.

Во рамки на CRMA, 17 минерали се прогласени за „стратешки“, а проекти кои се однесуваат на нивна експлоатација, преработка или рециклирање можат да добијат статус на стратешки проект на ЕУ. Тоа е ознака што овозможува побрз административен третман, финансиска и институционална поддршка, но и носи сериозни обврски.

Проектите не се избираат произволно. Според Европската комисија, процесот на селекција се темели на строги критериуми, кои ја одразуваат определбата на Унијата за одржлив развој, еколошка заштита и фер партнерства со трети земји.

Што точно се бара?

Како прво, проектот мора да биде технички изводлив, со реални и докажани потенцијали за производство на стратешки суровини. Но тоа е само почеток. Комисијата инсистира на високи еколошки стандарди – секој проект мора да помине низ проценка на влијанието врз животната средина, и таа проценка мора да биде релевантна и транспарентна.

Вклученоста на локалното население е уште еден од клучните услови. ЕУ бара проектите да се развиваат со активно учество на локалните заедници и да вклучуваат јавни консултации според националното законодавство на земјата домаќин. Се нагласува и потребата од почитување на човековите права – како на жителите, така и на работниците кои ќе бидат вклучени во проектот.

Во најновиот круг на селекција, ЕУ додели статус на стратешки проект на 13 иницијативи надвор од својата територија – вклучително и контроверзниот проект „Јадар“ во Србија, што го развива компанијата Рио Тинто. Како што објасни портпаролката на Европската комисија, Еирини Заркадула, одлуката била донесена по внимателна евалуација на сите релевантни аспекти, меѓу кои и транспарентноста на компанијата, одржливоста, како и можноста за економски бенефити за локалната заедница.

Но овој статус не е траен – може да биде повлечен, доколку условите не се исполнуваат. Проектите ќе бидат предмет на континуиран мониторинг, а Европската комисија задржува право да интервенира доколку има прекршувања – особено во делот на еколошката заштита, владеењето на правото и почитувањето на демократските процеси.

Со ова, Унијата не само што си обезбедува достап до клучни ресурси, туку и испраќа јасна порака: економската независност мора да оди рака под рака со одговорноста, транспарентноста и одржливиот развој.

Зачлени се на нашиот е-билтен