Калас: Потребни се дополнителни санкции против Русија

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес изјави дека Европската унија мора да воведе нови, посилни санкции против Русија, пренесува британскиот „Гардијан“.

По видео-консултациите со министрите за надворешни работи на ЕУ, Калас истакна дека е исклучително важно Унијата да продолжи да ја поддржува Украина и истовремено да го засилува притисокот врз Москва.

„Мораме да имаме предвид дека постојат еден агресор и една жртва. Целосниот и безусловен прекин на огнот треба да биде првиот чекор… но во моментов не гледаме никакви знаци дека Русија е подготвена за прекин на огнот. Русија не ја запира својата воена машина, напротив. Треба да преминеме од состојба во која Русија се преправа дека преговара, во состојба во која Русија мора да преговара. Кон тоа се приближуваме“, рече Калас.

Таа додаде дека рускиот претседател Владимир Путин „не може да ги оствари своите цели на бојното поле“ и затоа ќе се обиде да ги постигне преку преговори. Според неа, тврдењата дека Украина губи се „погрешни“, а секој мировен договор мора да вклучува јасни отстапки од руската страна.

Калас потенцираше дека фокусот на можниот мировен договор мора да остане на чекорите кои Русија треба да ги преземе, додавајќи дека руската војска и воениот буџет мора да бидат ограничени за да се спречат нови напади. Таа истакна дека ограничувањето на Русија мора да стане централна точка во идните договори.

„Мора да обезбедиме Русија никогаш повеќе да не нападне. За да се спречи продолжување на војната потребен е праведен и траен мир во Украина“, порача Калас.

Зачлени се на нашиот е-билтен