Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска изјави дека не верува оти Русија навистина сака да постигне мир во Украина, пренесуваат британските медиуми.
– Не мислам дека тие (Русите) се заинтересирани за мир. Тие продолжуваат да ја бомбардираат Украина. Ако навистина сакаат мир, можат веднаш да престанат – изјави Калас на маргините на осмиот годишен Самит за демократија што се одржува во Копенхаген.
Таа додаде дека „без сомнение, Русија игра игри и се обидува да добие време“.
Британските медиуми потсетуваат дека рускиот претседател Владимир Путин, на прес-конференција рано во неделата, предложи директни разговори меѓу Москва и Киев да се одржат во четврток во Истанбул, Турција.