Премиерот на Oнтарио, Даг Форд, изјави дека минатото лето му се заканил со тепање на крадец кој, според него, бил фатен во продавницата Home Depot.

На обраќање пред јавноста во Empire Club во Торонто, Форд рече дека е потребно заострување на системот на кауција, откако, како што наведе, криминалците „престанале да се плашат“. Тој го опиша инцидентот од летото кога, како што рече, ја напуштил полициската придружба за да купи растенија за својата викендица пред посетата на премиерот Марк Карни.
Форд раскажа дека видел маж што излегувал од продавницата со два ранецa, а зад него чекале обезбедувачи кои тврделе дека мажот нешто украл. Според зборовите на премиерот, обезбедувачите престанале да го следат затоа што добиле упатство да не преземаат ништо во такви ситуации.
Тогаш, како што рече Форд, решил да ја „земe работата во свои раце“ — го нашол мажот и побарал да ја отвори торбата. Кога тој одбил, Форд тврди дека му се заканил со тепање доколку не покаже што носи во торбата, по што мажот на крајот попуштил.
„Му реков: ‘Пријателе, ќе ти ја скршам главата ако не ми покажеш што има во торбата’“, рече Форд.
Потоа, според него, мажот извадил пила која, како што потврдил менаџерот на продавницата, била украдена.
„Му реков и дека ако некогаш повторно го видам на паркиралиштето, ќе добие батини какви што уште не ги доживеал“, додаде премиерот, нагласувајќи дека тоа понекогаш е неопходно за справување со криминалот.