Канцеларијата за човекови права на ООН пред колапс поради драстичен пад на финансиите и повлекувањето на САД

Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (OHCHR) се соочува со сериозна финансиска криза и „едвај опстанува“, предупреди високиот комесар Волкер Тирк, додека истовремено глобалните прекршувања на човековите права растат, особено во зоните погодени од конфликти.

Тирк изјави дека буџетот на OHCHR годинава е пократок за 90 милиони долари од потребното, што резултирало со отпуштање околу 300 вработени и значително намалување на активностите на терен. „Нашите ресурси се драстично намалени, како и финансирањето на организациите за човекови права, вклучително и локалните. Едвај преживуваме,“ истакна тој.

Како директна последица од недостигот на средства, морало да се намали работата во неколку клучни региони, меѓу кои Колумбија, Демократска Република Конго, Мјанмар и Тунис, токму во време кога потребите за мониторинг и поддршка се во пораст.

Тирк посочи дека се намалени и посетите на специјалните известители на ООН, независни експерти задолжени за следење на состојбата со човековите права, а одложени се и истражните мисии како и редовните дијалози со државите за нивното усогласување со договорите за човекови права.

„Сето ова создава широк домино-ефект врз меѓународните и националните напори за заштита на човековите права,“ предупреди Тирк.

Кризата дополнително се продлабочи откако Соединетите Американски Држави, досега најголемиот донатор на ООН, годинава се повлекоа од членството во OHCHR по одлука на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, што значително ги намали достапните финансиски извори за Канцеларијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен