Карневалот во Рио де Жанеиро се враќа во полн ек по пандемијата Ковид-19, а федералната влада на Бразил очекува 46 милиони луѓе да се приклучат на свеченостите, кои официјално започнуваат денеска и ќе траат до 22 февруари.
Минатата година поради пандемијата на Ковид-19 карневалот во Рио де Жанеиро беше одложен два месеци и беа забранети одредени активности, на кои присуствуваа главно локални жители.
Повеќето туристи одат на забави на кои учествуваат карневалски улични групи, познати како „блокови“, кои беа откажани минатата година, а годинава во Рио де Жанеиро ги има повеќе од 600.
Спектакл се очекува на Самбадром, каде се наоѓаат училиштата за самба кои трошат огромни средства на едночасовни паради со костими, изјави претседателот на Лигата на училиштата за самба во Рио, Хорхе Перлингеиро.
Тој додаде дека овогодинешниот карневал ќе собори рекорди на Самбадром, каде секој ден се очекуваат околу 100.000 гледачи и 18.000 учесници.