Ќе бидат потребни 20 милијарди долари и години за обновување на резервите на нафта

Цените на нафтата продолжија да се намалуваат на почетокот на неделата, поттикнати од загриженоста за влијанието на американските увозни царини врз глобалниот економски раст и побарувачката за гориво, како и зголеменото производство од ОПЕК+.

Суровата нафта „брент“, репер за европскиот пазар, падна за 31 цент (0,4%) на 70,05 долари за барел, откако во петокот забележа раст од 90 центи. Американската лесна сурова нафта се тргува за 66,69 долари, што е пад од 35 цент (0,5%), по растот од 68 центи во претходната сесија.

Нафтените цени во САД бележат седма последователна недела на пад – најдолга низа од ноември 2023 година, додека „брент“ паѓа трета недела по ред. Причина за тоа е одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе, а потоа да одложи царини за нафтени добавувачи како Канада и Мексико, додека истовремено ги зголемува тарифите за кинески стоки.

Американскиот секретар за енергетика Крис Рајт проценува дека ќе бидат потребни 20 милијарди долари и години за да се постигне целта на претседателот Доналд Трамп – обновување на Стратешката нафтена резерва (SPR) до нејзиниот максимален капацитет.

Трамп, кој во својот втор мандат ја истакна поддршката за нафтената и гасната индустрија, сака да ја наполни резервата, која беше значително намалена за време на администрацијата на Џо Бајден. Поранешниот претседател продаде речиси 300 милиони барели од резервата, вклучувајќи 180 милиони во 2022 година по руската инвазија на Украина, што ја доведе SPR на најниско ниво во последните 40 години.

Министерството за енергетика засега нема побарано средства од Конгресот, а процесот на надополнување би бил постепен. Резервата моментално содржи околу 395 милиони барели, а проценетите 20 милијарди долари би биле доволни за купување на околу 301 милион барели по сегашните цени, со што резервата би достигнала нешто помалку од 700 милиони барели.

SPR е најголемата стратешка нафтена резерва во светот, создадена во 1975 година по арапското нафтено ембарго. Се складира во солени подземни каверни долж брегот на Тексас и Луизијана, а експертите предупредуваат дека пречестите повлекувања и дополнувања можат да ја оштетат инфраструктурата.

Трамп жестоко го критикуваше Бајден за користењето на резервите за намалување на цените на горивото. Како дел од својата стратегија, тој би можел да ги откаже преостанатите задолжителни продажби на нафта за да го намали оптоварувањето на складишните капацитети.

Зачлени се на нашиот е-билтен