По смртта на папата Франциск, прашањето дали Католичката црква е подготвена за својот прв папа од Африка повторно се наметнува на глобалната сцена.
Кардиналот Питер Турксон од Гана уште во 2010 година изјави дека ниту тој ниту самата Црква не се подготвени за папа од Африка. Но, 15 години подоцна, неговото име повторно се споменува во ватиканските кругови, заедно со други можни африкански кандидати.
Папата Франциск, првиот папа од Јужна Америка, почина во понеделник на 88-годишна возраст. Неговото погребување е закажано за сабота, а конклавата за избор на нов папа се очекува на почетокот на мај.
Последниот папа со африканско потекло бил Виктор I, кој ја водел Црквата во периодот од 189 до 199 година. Денес, додека католицизмот расте на Црниот континент, а Европа станува сè посекуларна, се поставува прашањето дали Африка е следна на ред.
„Ако папата е глобален лидер, треба да доаѓа од глобалната Црква“, вели историчарот Мајлс Патенден од Универзитетот Оксфорд.
Африкански кардинали во игра
Турксон, кој потекнува од скромно семејство со десет деца, беше првиот ганеански кардинал (2003) и одигра клучна улога во спречувањето на политичкото насилство во својата земја во 2008 година. Тој, исто така, ги бранеше ЛГБТ+ правата, истакнувајќи дека овие луѓе не треба да бидат криминализирани.
Но, не сите африкански кардинали се либерално ориентирани. Кардиналот Роберт Сара од Гвинеја е познат по своите тврдоконзервативни ставови, а кардиналот Фридолин Амбонго од Демократска Република Конго се спротивстави на благословувањето на истополови заедници.
Иако Франциск се залагаше за умерена реторика и постепени реформи, нема гаранција дека новиот папа ќе го продолжи тој пат. Според професорката Кристина Траина од Универзитетот Фордам, овие конзервативни ставови можат да претставуваат пречка, но и можност за нова насока.
Потенцијал за промена
За време на понтификатот на Франциск, застапеноста на африканските кардинали во конклавата порасна од 8 на 12 отсто. Иако Африка е дом на 20 отсто од католиците во светот, нејзината застапеност во изборниот процес е сè уште релативно ниска.
Некои свештеници од Африка сметаат дека расната и културната дискриминација сè уште постои во Црквата, иако не секогаш е очигледна.
Африкански папа би можел да донесе нова перспектива за глобалните прашања. Социјалната правда, борбата против климатските промени, па дури и прашањата како што се целибатот и полигамијата — особено во контексти каде тие се културна реалност — би можеле да добијат поинакво толкување.
„Отсекогаш сме сакале африкански папа“, вели отец Пол Маџи од нигериската престолнина Абуџа, но додава дека потеклото не треба да биде пресудно.
„Не е наш ред – редот е на Бога“, вели Силвен Бадибанга, професор по теологија во Конго.
А како што рече и самиот кардинал Турксон пред конклавата во 2013 година: „Ќе станам папа само ако тоа е Божја волја.“