Ќе ги „убие“ ли Трамп ММФ и Светската банка?

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка често се перципираат како продолжена рака на Соединетите Американски Држави – нивниот најголем финансиер. Но, сега, претседателот Доналд Трамп се заканува со повлекување од овие институции, што би можело дополнително да ја разниша глобалната економија и да ѝ отвори врата на – Кина.

Од четврток (24 април), ММФ и Светската банка ги започнуваат своите пролетни самити во Вашингтон. Но, овие состаноци ќе бидат далеку повозбудливи од вообичаено – поради трговските политики на Трамп, кои претставуваат закана за глобалниот економски раст. Освен тоа, под прашање е и самата американска поддршка за овие две институции, пишува „Дојче веле“.

Проектот „2025“: повлекување од ММФ и Светската банка

Сомневањата околу намерата на САД да се повлече од овие организации се засилија откако десничарскиот плански документ познат како „Проект 2025“ – изготвен по изборната победа на Трамп – директно предложи такво сценарио. Во документот, ММФ и Светската банка се нарекуваат „скапи посредници“ кои само ги пренасочуваат американските пари.

Имајќи ја предвид историјата на Трамп – повлекување од Парискиот климатски договор и од Светската здравствена организација – стравувањата се реални. Во февруари, Трамп нареди ревизија на сите американски донации за меѓународни организации, што практично го парализираше УСАИД. Вашингтон сè уште нема именувано извршни директори во ММФ и Светската банка – што многумина го толкуваат како намерна порака.

А сето тоа, и покрај фактот што САД имаа значителна корист од овие институции – и економски, и геополитички. Со најголем број на гласови во двете тела, Вашингтон има ефективно право на вето врз многу одлуки.

Позајмиците за земји со високи долгови често доаѓаат со услови кои одговараат на интересите на САД – како либерализација на пазарите и економски реформи.

Можни последици за Вашингтон

Професорот по политичка економија Роберт Вејд од Лондонската школа за економија вели:
„Американските администрации одамна се однесуваат како ММФ и Светската банка да се агенции на американската влада. Вашингтон има огромно влијание врз нив.“

Проблемот е што повлекувањето би можело да има сериозни последици и за самите САД. Предлогот на Трамп за нови, високи царини веќе создава нестабилност на пазарите. Повлекувањето од ММФ и Светската банка би било уште поопасен чекор, бидејќи тие се клучни столбови на меѓународниот финансиски систем воспоставен по Втората светска војна.

Константин Гурџијев, професор по финансии на Универзитетот во Северен Колорадо, за DW изјавува:
„Трамп нема конзистентна стратегија за реформа на овие институции. Сè е во функција на внатрешно-политичка агенда – брзи победи на домашен терен по цена на глобалниот поредок.“

Глобални ризици – кинеската алтернатива

ММФ и Светската банка управуваат со фондови од околу 1,5 билиони долари – најголем дел од нив потекнуваат токму од САД. Ако Трамп ја прекине поддршката, институциите ќе останат без свеж капитал, а тоа би им ја ограничило способноста да реагираат во кризни ситуации.

Гурџијев предупредува:
„Ова би било подарок за Кина. Таа веќе инвестираше сериозно во проширување на својот глобален политички и економски влијание.“

Од 2008 до 2021, Кина има одобрено кредити вредни речиси 500 милијарди долари за преку 100 држави. Ако ММФ и Светската банка ослабнат, сè повеќе земји со долгови или со потреба за инфраструктура ќе бараат поддршка од Пекинг.

Кина веќе создаде алтернатива – Новата развојна банка (NDB), заедно со БРИКС земјите. Таа нуди кредити без строги услови и во други валути, со што се удира по доларовата доминација.

Можни геополитички последици
Потенцијалното повлекување на САД би можело да доведе и до преместување на седиштата на ММФ и Светската банка – можеби во Јапонија, вториот најголем финансиер. Но, Кина, која има само 6,1% од гласовите во ММФ, најверојатно би се спротивставила на тоа сценарио.

Според Вејд, можно е Трамп да користи преговори во стилот „договорџија“ – да понуди зголемување на американскиот влог во замена за поголемо влијание.
„Но поверојатно е дека ќе се закани со напуштање на Светската банка, отколку на ММФ,“ смета Вејд.

Ако ММФ исчезне, тешко е да се најде достојна алтернатива. Обидите на БРИКС да создадат паралелна структура сè уште тапкаат во место.

ММФ неодамна ги намали прогнозите за глобалниот економски раст. Во 2025 се очекува пораст од само 2,8%, наместо претходно очекуваните 3,3%. И за САД, прогнозата е намалена од 2,7% на 1,8%.

„Глобалната финансиска состојба е многу кревка – и лесно може да се претвори во нова криза,“ предупредува Вејд. Доколку дојде до тоа, вели, Трамп ќе мора да ги преиспита своите планови за напуштање на ММФ и Светската банка.

Гурџијев додава:
„Со изолацијата на овие институции, се оневозможува нивната улога како финансиски спас за земјите во неволја. Тоа е апсурд од глобални размери.“

Зачлени се на нашиот е-билтен