Тековната воена истрага утврди дека САД се одговорни за смртоносен ракетен напад врз основно училиште во Иран, потврдија американски официјални лица и други извори запознаени со прелиминарните наоди.
Нападот со ракетата Томахавк од 28 февруари се случи поради грешка во насочувањето од страна на американската војска, која користеше застарени податоци од Агенцијата за одбранбено разузнавање, објавува „Њујорк тајмс“.
Нападот врз основното училиште „Шаџара Тајебех“ во градот Минаб, во кој според иранските официјални лица загинаа најмалку 175 лица (најмалку 165 деца и училишен персонал), беше резултат на напад врз соседна иранска воена база која порано беше дел од училишната зграда.
ویدئویی از لحظه اصابت موشک آمریکا و اسرائیل به مدرسه میناب pic.twitter.com/OEjbae23uk
— خبرگزاری ایسنا (@isna_farsi) March 8, 2026
Службениците на Централната команда на САД ги утврдија координатите на целта користејќи застарени податоци.
Службениците нагласуваат дека наодите се прелиминарни и дека остануваат клучните прашања за тоа зошто застарените информации не беа потврдени.
Иако заклучокот од истрагата беше во голема мера очекуван, со оглед на тоа што САД се единствената страна во конфликтот што користи ракети „Томахавк“, тој веќе фрли сенка врз американската воена операција во Иран.

Нападот врз училиштето полно со деца ќе остане запишан во историјата како една од најлошите воени грешки во последните децении.
Училиштето во Минаб е на истиот блок со зградите што ги користи морнарицата на Иранската револуционерна гарда, главна цел на американските напади.
Училишната зграда првично била дел од таа база.
Визуелна истрага од „Њујорк тајмс“ покажа дека зградата каде што се наоѓа училиштето била оградена воена база помеѓу 2013 и 2016 година.
Сателитските слики прегледани од „Њујорк тајмс“ покажаа дека кулите за набљудување што некогаш стоеле во близина на зградата се отстранети, три јавни влеза во училиштето се отворени, теренот е уреден, а игралиштата се нацртани на асфалтот, додека ѕидовите се обоени во сина и розова боја.

Според прелиминарните наоди, Агенцијата за одбранбено разузнавање (ДИА) ѝ доставила на Централната команда информации со кои се идентификувала училишната зграда како воена цел. Истражителите сè уште не знаат како се испратени застарените податоци или дали ДИА имала ажурирани информации.
Военото таргетирање е сложен процес во кој се вклучени повеќе агенции. Иако повеќе службеници ја потврдуваат точноста на информациите, во итни ситуации информациите понекогаш не се потврдуваат. Покрај ДИА и ЦЕНТКОМ, се истражува и работата на Националната агенција за геопросторно разузнавање (НГА), која анализира сателитски снимки. Службениците одбиваат да коментираат за истрагата.
Исто така, беше испитано дали моделите на вештачка интелигенција довеле до грешката, но службениците веруваат дека човечката грешка е поверојатна во околности на војна.