Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот најави голема федерална иницијатива со цел да се идентификуваат причините за, како што рече, „епидемијата на аутизам“ во САД. Резултатите од истражувањата се очекуваат до септември 2025 година.
„До септември ќе знаеме што ја предизвика епидемијата на аутизам и ќе можеме да ги отстраниме тие ризици. Започнавме масовни тестирања и истражувања во кои се вклучени стотици научници од целиот свет“, изјави Кенеди на состанок на кабинетот на претседателот Доналд Трамп.
Кенеди ја нагласи итноста на проектот, посочувајќи на наглиот раст на дијагнози на аутизам кај деца во последните неколку децении.
Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести (CDC), денес 1 од 36 деца во САД има дијагноза од спектарот на аутизам – тренд што често се објаснува со подобра свесност и пошироки дијагностички критериуми.
Истражување и контроверзии
Во февруари, Трамп нареди формирање на комисија „Да ја направиме Америка повторно здрава“, во која членуваат Кенеди и други министри. Комисијата треба да истражи низа здравствени прашања, од зголемената стапка на аутизам и астма кај децата, до количината на медикаменти што им се препишуваат за хиперактивност и други состојби.
Бројот на дијагностицирани случаи на аутизам во САД значително порасна од 2000 година, што ја зголеми загриженоста во јавноста.
Иако научниците со децении ги истражуваат генетските и социјалните фактори поврзани со аутизмот, причините за поголемиот дел од случаите сè уште не се целосно разјаснети. Националните институти за здравство (NIH) годишно вложуваат над 300 милиони долари во истражувања за аутизам, со фокус на генетиката и пренаталните влијанија од околината.
Кенеди, сепак, не објасни детално што опфаќа „масовното тестирање“ ниту кои конкретни ризици ќе бидат во фокусот.
Министерот за здравство е одамна познат како скептик во однос на безбедноста на комбинираната вакцина против мали сипаници, заушки и рубеола (MMR).
Минатата недела, на владиниот состанок, тој ја минимизираше важноста на смртта на ученик од мали сипаници во Тексас – прв ваков случај во последнава деценија – нарекувајќи ги епидемиите „вообичаени појави“ и не споменувајќи ја улогата на вакцинацијата во спречување на болеста, пренесе RT Балкан.