Демократиите мораат да бидат подготвени да се борат за слободата ако сакаат да опстанат, ова е пораката што денес одекна во Осло на церемонијата за доделување на Нобеловата награда за мир. Но не од устата на добитничката, венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, туку од устата на нејзината ќерка, Ана Корина Соса Мачадо.
Мачадо, која со месеци живее во криење поради прогон од режимот на Николас Мадуро, не можеше да присуствува на свеченоста. Сепак, неколку часа пред церемонијата, Нобеловиот институт изненадно соопшти дека таа е „безбедна“ и дека се наоѓа во Осло, но не и дека ќе може да се појави во градската сала за да ја прими најпрестижната светска награда за мир.
Говор што ја прекрои тишината
Во емотивниот говор што го прочита нејзината ќерка, Мачадо порача дека признанието има огромно значење,не само за Венецуела, туку и за целиот свет.
„Го потсетувам светот дека демократијата е неопходна за мир. А најважно од сè, лекцијата што Венецуелците ја нудат е лекција научена по долг и тежок пат: ако сакаме демократија, мора да бидеме подготвени да се бориме за слободата,“ стоеше во пораката прочитана пред аплаузите на присутните.
Претседавачот на Нобеловиот комитет, Јерген Ватне Фриднес, рече дека Мачадо направила сè што можела за да присуствува на церемонијата „во услови на екстремна опасност“, но дека ризиците биле преголеми. Потврдата дека е стигната во Норвешка беше поздравена со бурен аплауз.
Во својот говор, Фриднес остро го осуди авторитарното владеење на Мадуро, опишувајќи ја реалноста во која живеат политичките затвореници во Венецуела.
„Додека седиме овде во градската сала во Осло, невини луѓе се затворени во мрачни ќелии. Не ги слушаат денешните говори, ги слушаат само врисоците на затворениците што се мачат,“ рече тој.
Тој предупреди и на засилувањето на глобалниот авторитаризам, потсетувајќи дека една четвртина од населението на Венецуела веќе побегнало од земјата, создавајќи една од најтешките бегалски кризи во современата историја.
Мачадо благодарна преку телефонски разговор
Нобеловиот комитет објави и краток снимок од телефонски разговор со Мачадо, за кој не е познато кога точно бил снимен. Во него таа повторно се заблагодари за признанието, нагласувајќи дека наградата припаѓа на венецуелскиот народ.
„Емоционално сме и многу почестени,“ рече таа. „Знам дека стотици Венецуелци од разни делови на светот пристигнаа во Осло, како и моето семејство, мојот тим и колеги. Ова е нивна награда.“
Таа додаде дека најмногу се надева повторно да ги прегрне своите деца и семејството, кои не ги видела три години.
Добитничка под закана
Марија Корина Мачадо беше видена во јавност само еднаш од август минатата година, откако започна да се крие поради конфликтот со Мадуро. Венецуелското обвинителство дури најави дека ќе биде прогласена за „бегалец“ ако ја напушти земјата за да ја прими наградата.
Таа минатата година победи на опозициските избори со намера да му се спротивстави на Мадуро на претседателските избори, но владата ѝ забрани да учествува. Наместо неа, опозицијата го кандидираше пензионираниот дипломат Едмундо Гонзалес.
Церемонија со силна политичка симболика
На церемонијата во Осло присуствуваа повеќе истакнати латиноамерикански лидери, аргентинскиот претседател Хавиер Милеј, претседателот на Еквадор Даниел Нобоа, панамскиот претседател Хосе Раул Мулино и претседателот на Парагвај Сантијаго Пења, во знак на поддршка за борбата на венецуелската опозиција.
Додека светот ја слави Мачадо како симбол на отпорот и демократијата, нејзината лична приказна останува длабоко обележана со ризик, жртва и неизвесност. Но денес, барем за миг, нејзиниот глас – преку гласот на нејзината ќерка – одекна јасно од Осло до Каракас.