Нуклеарната централа Запорижја, која е под руска окупација, синоќа накратко била „на работ на нуклеарна несреќа“ поради привремен прекин на снабдувањето со електрична енергија, соопшти украинскиот оператор Енергоатом.
„Синоќа дојде до целосен дефект во електраната Запорижја“, напиша „Енергоатом“ на Телеграм и додаде дека утрово околу 07:00 часот повторно е воспоставено напојувањето на постројките на исклучената централа, што е неопходно за да се спречи прегревање на нејзиното нуклеарно јадро.
Две електрични линии што ја снабдуваат нуклеарната централа беа прекинати, а едната од нив при воздушен напад, соопшти украинскиот оператор.
Енергоатом наведува дека ваквиот прекин на струја е опасен и дека без електрична енергија била „на работ на нуклеарна несреќа и радијација“ во околината.
„Руските окупаторски сили не се грижат за безбедноста на нуклеарната централа Запорижја“, изјави претседателот на Енергоатом, Петро Котин, додавајќи дека Русите „создаваат опасни ситуации и го уценуваат целиот свет со нуклеарна катастрофа и радијација“.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) потврди дека централата била привремено без струја во текот на ноќта и дека тоа е осми таков прекин од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година.