Кинa го одобри преносот на сопственоста на Тикток

Кина официјално го одобри договорот за пренос на сопственоста на апликацијата Тикток, соопшти американскиот министер за финансии Скот Бесент, додавајќи дека очекува напредок во наредните недели и месеци.

„Го финализиравме договорот за Тикток во Куала Лумпур во поглед на добивањето на кинеско одобрение и очекувам процесот да продолжи во наредниот период, со што конечно ќе имаме решение за ова прашање“, изјави Бесент за „Фокс бизнис нетворк“ по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг.

Кинеското министерство за трговија денес објави дека ќе ги реши прашањата поврзани со Тикток на соодветен начин во соработка со Соединетите Американски Држави. Компанијата БајтДенс, која е сопственик на апликацијата, засега нема официјален коментар.

Судбината на Тикток, кој го користат околу 170 милиони Американци, беше неизвесна повеќе од осумнаесет месеци, откако Конгресот во 2024 година донесе закон со кој им наложи на кинеските сопственици да ја продадат апликацијата до јануари 2025 година.

Претседателот Трамп на 25 септември потпиша уредба со која планот за продажба на Тикток на американски и глобални инвеститори ги исполнува барањата за национална безбедност предвидени со законот од 2024 година. Со уредбата им беше даден рок од 120 дена за довршување на преносот на сопственоста, а спроведувањето на законот беше одложено до 20 јануари.

Според договорот, Тикток ќе биде под мнозинска контрола на американски компании. Компанијата БајтДенс ќе има право да именува еден од седум членови во новиот управен одбор, додека останатите шест ќе бидат американски претставници. Со тоа, кинескиот сопственик ќе задржи помалку од 20 проценти од уделот во компанијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен