Кина го возвраќа ударот – 34 посто царини за САД

Кина реши да одговори на новите мерки на Доналд Трамп, воведувајќи царини од 34 проценти на стоката од САД. Мерките стапуваат на сила на 10 април, пренесува Ројтерс.

Министерството за финансии на Кина соопшти дека американските царини на кинеските производи не се во согласност со меѓународните трговски правила.

„Оваа пракса на САД не е во согласност со меѓународните правила на трговија, сериозно го поткопува легитимните права и интереси на Кина и претставува типичен пример за едностран насилен однос“, стои во соопштението на Комисијата за царини на Државниот совет на Кина, во кое се објавени контрамерките.

Кина исто така најави контрола на извозот на средни и тешки „ретки метали“, вклучувајќи самариум, гадолиниум, тербиум, диспрозиум, лутецијум, скандиум и итриум, за САД, што ќе стапи на сила на 4 април.

„Целта на спроведувањето на кинеските владини контроли на извозот на соодветни производи во согласност со законот е подобро заштитување на националната безбедност и интереси, како и исполнување на меѓународни обврски, како што е спречување на ширењето на земји што поседуваат нуклеарно оружје“, се вели во соопштението на Министерството за трговија.

Да потсетиме, Трамп најави воведување царини од 54 процента за Кина, што вклучува и претходните царини што веќе беа на сила. Поради тоа, Кина е една од најтешко погодените земји на новата листа на царини.

Зачлени се на нашиот е-билтен