Кинеското Министерство за трговија денеска протестираше против одлуката на Европската унија да го испита извозот на кинески електрични возила, велејќи дека тоа е протекционистички чин чија цел е да се наруши синџирот на снабдување.
Портпаролот на кинеското Министерство за трговија Хе Јадонг изјави во Пекинг дека Европската унија одлучила да ја спроведе мерката „за да ја заштити сопствената индустрија“.
– Тоа е бесрамно протекционистичко однесување кое сериозно ќе ја наруши глобалната автомобилска индустрија и синџирот на снабдување, вклучително и Европската унија, и ќе има негативно влијание врз економските и трговските односи Кина-ЕУ, рече тој.
Кинеското Министерство за трговија ја повика ЕУ да создаде „фер, недискриминаторска и предвидлива“ пазарна средина.
ЕУ вчера соопшти дека ќе ги испита владините субвенции дадени на кинеските производители на автомобили, за кои Унијата тврди дека ги одржуваат цените на електричните возила вештачки ниски.
Кина стана најголемиот пазар за електрични возила откако инвестираше милијарди во субвенции за да добие предност. Некои производители на автомобили, како што се BYD и Geely, брзо станаа значајни играчи на пазарот откако започнаа продажба на електрични возила во Јапонија и Европа.