Кина објави дека го забранува извозот на „артикли за двојна намена“ поврзани со галиум, германиум, антимон и супертврди материјали во САД. Одлуката, која стапува на сила веднаш, е со цел заштита на националната безбедност, соопшти кинеското Министерство за трговија.
Покрај ова, ќе биде спроведена построга контрола на извозот на графитни материјали со двојна намена во САД. Овие мерки дополнително ги засилуваат ограничувањата за извоз на критични минерали кои Пекинг ги наметна минатата година.
Сепак, новите рестрикции се директно насочени кон САД и доаѓаат како одговор на последните потези на Вашингтон, кој во понеделникот ограничи извоз кон 140 кинески компании, вклучително и производителот на чип-технологија Naura Technology Group.
Галиумот, германиумот и антимонот играат клучна улога во електрониката, оптиката, соларната енергија, медицината и производството на специјализирани материјали.
Оваа одлука е најнова ескалација во трговските тензии меѓу двете најголеми економии, кои продолжуваат да се натпреваруваат за доминација во технолошкиот сектор.