Кинеската нафтена компанија CNOOC соопшти дека открила големо нафтно поле во источниот дел на Јужното Кинеско Море, со докажани резерви од над 100 милиони тони.
Полето, кое е идентификувано како Хуижу 19-6, се наоѓа на околу 170 километри од градот Шенжен, објави кинеската новинска агенција Синхуа.
При пробното дупчење е постигнато дневно производство од 413 барели сурова нафта и 68.000 кубни метри природен гас, наведе компанијата CNOOC.
Извршниот директор на оваа државна нафтена корпорација, Жу Синхуаи, го поздрави откритието во источниот дел на Јужното Кинеско Море и додаде дека CNOOC откри „нафтно поле од 100 милиони тони“.
Јужното Кинеско Море е слабо истражено поради територијалните спорови, но според податоците на американската Агенција за енергетски информации (EIA), повеќето познати наоѓалишта на нафта и гас се во кинеските води.
Пекинг тврди дека има суверено право врз речиси целото море, додека Филипините, Малезија, Виетнам, Индонезија и Брунеи исто така полагаат право на одредени делови.
Без оглед на ова откритие, Кина останува најголемиот увозник на сурова нафта во светот, со дневно производство од околу 11,1 милиони барели минатата година, според анализата на американската влада.