Кир Стармер со емотивна роденденска честитка за својот син, со пораки од важност за младите генерации

Кир

Британскиот премиер Кир Стармер денеска објави видео писмо на социјалните мрежи до својот син со кое му го честита роденденот. Но, освен личната димензија на роденденската честитка, она што го привлече вниманието на јавноста се длабоките и важни пораки коишто се однесуваат на прашањата што ги засегаат младите, и особено аспектот на генерациската културолошка разлика што ја предизвикува влијанието на технологијата којашто станува сѐ поизразена.

Затоа вреди да се прочита и ислуша честитката што Кир Стармер ја напиша и сними за роденденот на неговиот син:

Писмо до мојот син,

Како да беше вчера кога те донесовме дома. Под стрес, но толку многу возбудени за патот што ни претстоеше со тебе. Денеска, ми се чини неверојатно, но веќе имаш 17 години. Повисок си од мене и израсна во прекрасно момче кое си ги знае способностите. Се гордеам со тебе. Јас немав толку блиски односи со мојот татко. Кога мајка ми, твојата баба Џо, беше болна, многу болна, татко ми се грижеше многу посветено за неа, но тој и јас никогаш не зборувавме за тоа. Не се познававме. Тогаш јас се зареков дека мојот однос со тебе ќе биде поинаков. Времето поминато со тебе е најважниот дел од мојот ден, секоја недела. Без разлика дали е кафе пиење или одење на натпревар на Арсенал.

Знам дека растењето не е лесно во ова време и на оваа возраст. Знам дека младите се под голем притисок и дека имаат потешкотии да зборуваат, да разговараат за тоа. Признавам дека е тешко и да се најдат вистински одговори на нивните прашања. Прашања за менталното здравје, за машкоста, социјалните медиуми. Се сеќавам кога ја гледавте серијата Адолесенсе заедно и како татко ми беше тешко да се справам со тие теми. Но, имам една надеж и намера – дека треба да разговараме, да учиме еден од друг, да си помагаме еден со друг.

Тоа е и една од причините зошто прифатив да ја работам оваа работа. Знам дека тоа бара голема жртва од твоја страна, од страна на твојата сестра и на мајка ти. Јас сакам светот за идните генерации да биде подобар. Кога бев млад често пати го слушав гласот кој ми велеше дека не сум доволно добар, дека не правам некои работи така како што треба.

Затоа денеска ако треба да имам една порака за тебе и за секое дете што расте, таа би била оваа: Не го слушај тој глас. Секој млад човек има што да понуди, да ни даде. Сакам секое дете да ги оствари своите сонови. Твојата генерација има иднина што ја заслужува. Ти и сестра ти сте мојата гордост и радост. Те сакам, тато.

Зачлени се на нашиот е-билтен