Кога Пентагонот нарачува пица, светот трепери: Зошто овој тренд го следат сите

Терминот „Индекс на Пентагонска пица“ звучи како шега или интернет мит, но неговата истрајност низ децении, особено во контексти како актуелниот израелско-ирански конфликт, го претвори во необичен и алармантен сигнал кој интернет заедницата го следи со внимание.

Оваа неофицијална теорија сугерира дека нагло зголемување на нарачките за пица (или друга храна за носење) во близина на критични владини институции како Пентагон, Белата куќа или ЦИА, може да сигнализира сериозни кризни состојби во светската геополитика. Причината? Кога најважните луѓе во националната безбедност работат доцна и под притисок, пицата станува неопходен сојузник.

Од пица до напад

Индексот стана предмет на засилен интерес по израелските напади врз Иран на 12 и 13 јуни 2025 година. Според Еуроњуз, корисници на платформата Ex (поранешен Твитер) почнале да алармираат дека „индексот расте“, наведувајќи зголемен сообраќај во локални пицерии околу Вашингтон – во близина на Пентагон и Министерството за одбрана.

На пример, на 1 јуни 2025 година, каналот @PenPizzaReport објави дека најблискиот Доминос до Пентагон има невообичаено голем број нарачки. Само неколку часа подоцна следуваше нова ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран – што го засили сомнежот дека нешто големо се подготвува.

Историја на индексот

Феноменот потекнува од крајот на Студената војна. Во 1990 година, Френк Микс, сопственик на Доминос во Вирџинија, забележал нагло зголемување на испораки до ЦИА. Следниот ден, Ирак го нападна Кувајт. Од тогаш, ваквите „совпаѓања“ почнаа да се толкуваат како индикатори за глобални безбедносни потреси.

Дури и поранешни советски разузнавачи развиле термин за тоа: „Пизинт“ – кратенка за Pizza Intelligence. Познатиот новинар Волф Блицер изјавил: „Важно е за новинарите – секогаш следете ја пицата.“

Слични шаблони се забележани и во периодот на импичментот на Бил Клинтон, при американската инвазија на Панама, и во времето на војната во Југославија.

Набљудување преку OSINT

Современиот „Пица индекс“ се следи преку алатки за отворено разузнавање (OSINT) како Google Maps (сообраќај во пицерии), активности на социјални мрежи и следење на необични движења на авиони или трошење на струја во клучни објекти. Вкрстувањето на повеќе абнормални параметри носи сомнеж дека се случува нешто значајно.

Случајност или нешто повеќе?

Иако индексот нема научна верификација, неговото постоење го одразува човечкото стремење да се препознае шемата среде хаосот. Кога владините згради ненадејно нарачуваат десетици пици до доцна во ноќта, а истовремено во светот се случуваат напади или одмазди, јавноста не може да остане рамнодушна.

Психолошки, зголемената потрошувачка на висококалорична храна е типична реакција на стрес. А ако некој работи 18 часа на ден во кризни состојби – пицата е наједноставно решение.

Иако „Индексот на Пентагонска пица“ веројатно никогаш нема да стане официјален алат за предвидување на меѓународни кризи, тој останува забавен – и понекогаш застрашувачки точен – показател дека нешто големо се случува зад затворени врати.

Зачлени се на нашиот е-билтен