Кога политиката е над човечноста – Семејства од Кочани останаа без поддршка од државата

Северна Македонија е соочена со нова политичка и морална криза по одбивањето на парламентот да усвои закон кој требаше да обезбеди финансиска, психосоцијална и институционална поддршка за жртвите и нивните семејства од трагедијата што ја потресе државата во март.

На 16 март 2025 година, пожар во преполнета дискотека во Кочани однесе 62 животи, а над 200 лица беа повредени – најголемата цивилна трагедија во поновата историја на државата. според критичарите одговорот на државата требаше да биде симбол на солидарност и одговорност. Наместо тоа, политички пресметки и партиска аритметика оставија цели семејства без системска поддршка.

Предлог-законот, поднесен од парламентарната група на СДСМ и коалиционите партнери, беше одбиен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Во својот предлог, СДСМ бараше:

-еднократна исплата од 80.000 евра за семејствата на загинатите,

-финансиски надомест од 1,2 до 5 милиони денари за повредените, зависно од степенот на инвалидитет,

-државно покривање на трошоците за лекување, психолошка рехабилитација и транспорт,

-образовна поддршка за деца и млади погодени од несреќата, вклучително и стипендии,

-платено отсуство и скратено работно време за родители на повредени деца,

-државна поддршка за преквалификација и адаптација на животен простор за лицата со траен инвалидитет.

Предлогот предвидуваше и создавање независна комисија за проценка и надзор, што би требало да гарантира транспарентност и контрола. Законската рамка ќе се применуваше и на претходни трагедии, вклучително и автобусот кај Ласкарци (2019) и несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија (2021), што дополнително го нагласуваше нејзиниот хуман карактер.

Одбивањето на законот ја отвори вратата за дебата која оди подлабоко од дневната политика: дали постои суштинска грижа за граѓаните надвор од изборниот калкулус? Дали државата е подготвена да го понесе товарот на трагедиите и да ги третира жртвите како што доликува на една демократска, европска земја?

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ својата одлука не ја образложија детално, но од политичките кругови произлегува ставот дека наводно не сакаат „селективни закони кои се користат за политички поени“, ама очигледно тоа се однесува само на предлози на опозицијата. За критичарите, ова звучи како циничен изговор за неспроведување акција.

Во меѓувреме, семејствата на загинатите се чувствуваат оставени. За нив, ова не е прашање на политика, туку на достоинство.

„Мојата ќерка почина во тој клуб. Не ми требаат партиски расправии – сакам само да знам дека државата знае што изгубивме и сака да ни помогне да преживееме,“ изјави една мајка за локален медиум.

Семејствата на трагично загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани – пред неколку дена одлучија да ја одбијат поканата од премиерот Христијан Мицкоски за средба во просториите на Владата во Скопје, закажана за 13 мај. Одлуката, која тие ја споделија преку писмена реакција и јавни настапи, ја темелија на морални, емотивни и симболични причини.

Родителите порачаа дека „не се подготвени да одат во институција што досега молчеше и не покажуваше вистинска грижа за нивната болка“. Нивната одлука не е израз на политичка опција или партиски мотив, туку, како што велат, глас на разочараност од односот на државата кон жртвите и преживеаните.

„Ние сме тие што изгубивме деца, не сме статистика. Не сме политички театар“, изјави еден од родителите, додавајќи дека очекуваат од државата дела, не зборови.

Семејствата не ја отфрлија можноста за средба со премиерот, но инсистираат тоа да се случи во Кочани, на нивна територија, во средина каде што чувствуваат почит, а не институционален притисок. Велат дека сакаат да му објаснат лично како изгледа животот по 16 март – денот кога, според нивните зборови, „времето застанало, а државата не дојде“.

Од нивна страна, исто така, беа искажани критики за тоа што институциите, вклучително и Владата, не воспоставиле јасен механизам за поддршка – ниту емотивна, ниту материјална, ниту правна – иако веќе поминаа речиси два месеца од трагедијата. Одбивањето на Предлог-законот што СДСМ го поднесе во Собранието, а ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа, дополнително ја продлабочи недовербата.

Зачлени се на нашиот е-билтен