Кои се вооружените групи за кои Индија тврди дека добиваат поддршка од Пакистан


Напнатоста меѓу Индија и Пакистан достигнува највисоко ниво во последниве децении, откако двете држави се обвинуваат меѓусебно за напади со дронови на територија на другата страна. Во центарот на конфликтот повторно се наоѓа Кашмир – спорен регион, каде Индија тврди дека Пакистан активно поддржува вооружени сепаратистички групи.

Фронт на отпорот (The Resistance Front – TRF)

Фронтот на отпорот се појави во 2019 година, веднаш по одлуката на индиската влада да го укине членот 370 од индискиот Устав, со што се одзеде автономниот статус на индискиот дел од Кашмир.

Иако во првите години делуваше маргинално, групата стана позната по терористичкиот напад во април 2025 година во Пахалгам, во индиски Кашмир, при што загинаа 26 лица. Преку апликацијата Телеграм, групата ја презеде одговорноста и се изјасни против издавањето дозволи за престој на „страни лица“, мислејќи на не-Кашмирци.

Индија тврди дека TRF е параван за другата милитантна група Лашкар-е-Таиба и дека е создадена со цел да се замагли директната поврзаност со Пакистан. Од 2020 година, TRF започна да презема одговорност за помали напади, главно целни ликвидации. Повеќето нејзини членови доаѓаат од други милитантни организации што дејствувале во регионот, а индиските безбедносни служби известуваат дека уапсиле неколкумина.

Лашкар-е-Таиба (LeT) – „Армија на чистите“

Оваа група, основана во 1990 година од страна на Хафиз Саид, е една од најпознатите милитантни организации што дејствуваат против Индија. Таа се залага за „ослободување“ на Кашмир од индиска власт и негово припојување кон Пакистан.

LeT стана глобално позната по смртоносниот напад во Мумбај во 2008 година, кога милитанти убија 166 цивили на различни локации. Единствениот преживеан напаѓач, Ајмал Касаб, призна дека е член на LeT. Индиската влада го обвини и пакистанскиот разузнавачки сервис за соучество, но Исламабад тоа го негираше, иако призна дека дел од подготовките биле извршени на пакистанска територија.

LeT се поврзува и со нападот на индискиот парламент во 2001 и со нападите на возови во Мумбај во 2006 година (189 жртви). Индиските ракети, лансирани на 7 мај 2025 година, ја погодија Муридке – град за кој Индија тврди дека е седиште на добротворната организација Јамаат-уд-Дава, која се смета за прикриен фронт на LeT. Хафиз Саид моментално е во пакистански затвор, осуден на 31 година поради „финансирање тероризам“.

Џаиш-е-Мухамед (JeM) – „Армија на Мухамед“

Оваа организација ја основал Масуд Азхар во 2000 година, откако бил ослободен од индиски затвор во замена за заложници од киднапиран авион. JeM е поврзана со Ал Каеда, со Талибанците, и со Осама бин Ладен.

Групата е забранета во Пакистан од 2002 година, откако беше вмешана во нападот врз индискиот парламент. Сепак, индиските власти тврдат дека групата и натаму функционира од Бахавалпур, покраината Пенџаб. Во мај 2025 година, индиската војска соопшти дека извршила напади на седиштето на JeM.

JeM ја презеде одговорноста за смртоносниот самоубиствен напад во Пулвама во 2019 година, каде загинаа 40 индиски војници. Азхар двапати бил уапсен во Пакистан, но никогаш не е обвинет – оттогаш не се појавил во јавност.

Хизб-ул-Муџахидин (HuM) – „Партија на светите борци“

Основана во 1989 година од страна на Мухамед Ахсан Дар, HuM настанала како локално движење по протестите од 1988 година во Кашмир. За разлика од другите групи што бараат независност, HuM бара обединување на Кашмир со Пакистан.

Групата е присутна главно во јужниот дел на индиски Кашмир (Шопиан, Кулгам, Пулвама), и е позната по широка мрежа на борци. По убиството на харизматичниот командант Бурхан Вани во 2016 година, Кашмир беше зафатен од масовни протести, а безбедносните сили возвратија со насилство.

Во 2017 година, САД ја прогласија HuM за терористичка организација и воведоа санкции. Во едно интервју за Ал Џезира, тогашниот лидер Ријаз Наику изјави дека „индиската окупација нѐ принуди да прибегнеме кон вооружена борба“, нарекувајќи го Пакистан „морален сојузник“.

Пакистан ги негира обвинувањата

Пакистан ги отфрли тврдењата на Индија дека овие групи се поддржани од официјалните власти. Иако некои од нив формално се забранети, и натаму има сомнежи дека функционираат со индиректна поддршка. Пакистан бара независна меѓународна истрага за нападите и осудува насилство врз цивили.

Ситуацијата во Кашмир останува криза што може да предизвика поширок регионален конфликт, особено ако вооружените инциденти продолжат. Индиски и пакистански цивили, за жал, се тие што најчесто ја плаќаат цената на овој децениски спор.

Зачлени се на нашиот е-билтен