Кој беше Дик Чејни највлијателниот потпретседател и архитект на војната против Ирак

Поранешниот потпретседател на САД Дик Чејни, човекот кој со своето влијание остави длабок белег врз американската политика и безбедност во првите децении на 21 век, почина во 84-тата година од животот поради компликации од пневмонија и срцеви заболувања, соопшти неговото семејство.

„Дик Чејни беше голем и добар човек кој ги научи своите деца и внуци да ја сакаат нашата земја и да живеат со храброст, чест, љубов, добрина и риболов,“ стои во соопштението на семејството.

Чејни, кој не се грижеше многу за тоа дали јавноста го сака, еденпат изјави: „Ако сакаш да те сакаат, стани филмска ѕвезда.“ Со оваа филозофија тој го изгради својот пат како најмоќен потпретседател во историјата на САД, човек кој ја обликуваше американската надворешна и безбедносна политика по нападите од 11 септември 2001 година.

Како главен архитект на таканаречената „војна против теророт“, Чејни остана контроверзна фигура – обвинет за поддршка на инвазиите во Ирак и Авганистан, за тврдењата за непостоечкото оружје за масовно уништување, за ширење на државниот надзор и за тортурата во Гвантанамо Беј.

Роден во Небраска, а израснат во Вајоминг, Чејни започна како млад политички советник во администрацијата на Џералд Форд, станувајќи најмладиот шеф на кабинет во историјата на Белата куќа. Подоцна, како конгресмен и секретар за одбрана во времето на Џорџ Х. В. Буш, тој ја водеше војната во Персискиот Залив и ја зајакна американската воена моќ.

Но неговото најголемо влијание дојде со администрацијата на Џорџ В. Буш (2001–2009), кога Чејни го користеше инаку церемонијалниот потпретседателски пост за да стане вистинскиот центар на одлучувањето во Белата куќа. Историчарите го опишуваат како „мозокот“ зад неоконзервативната доктрина што ја насочи Америка кон две децении воени и политички последици.

Авторот Џејк Бернштајн, коавтор на книгата Vice: Dick Cheney and the Hijacking of the American Presidency, изјави дека „Чејни мора да се смета за еден од највлијателните Американци во последните 40 години – совршен бирократски стратег кој ја трансформираше американската политика.“ Дик Чејни зад себе остави сопруга, две ќерки – Лиз и Мери – и долга политичка кариера што засекогаш ќе остане обележана со моќ, контроверзии и неизбришливо влијание врз современата историја на САД.

Зачлени се на нашиот е-билтен