Питер Наваро, поранешен советник за трговија и индустрија во администрацијата на Доналд Трамп, е еден од главните умови зад контроверзните царински политики на САД, кои ја доведоа земјата во економски судири со бројни држави низ светот. Токму поради неговото влијание, Америка воведе високи тарифи за увоз од десетици земји, предизвикувајќи реакции од Европа, Азија, па дури и од најбогатите луѓе во светот – како Илон Маск. Иако доцна синиќа Трамп ги одложи царините на 90 дена, освен за Кина, никој не знае со сигурност што ќе се случува понатаму.
Наваро се истакна како остар застапник на „фер трговија“, повикувајќи на високи царини за земји како Кина, Индија, ЕУ, Виетнам, Тајван и Јапонија, со цел враќање на производството во САД и заштита на американските работни места. Неговото влијание врз Трамп започна со документот од 30 страници под наслов „The Case for Fair Trade“, кој ја постави основата на неговата економска доктрина.
Судирот со Маск
Еден од најгласните критичари на овие политики е Илон Маск. Наваро го обвини Маск дека е „монтажер на автомобили“ наместо вистински производител, бидејќи Tesla користи странски делови. Маск возврати нарекувајќи го Наваро „морон“, со потценувачка забелешка за неговата диплома од Харвард. Тој тврдеше дека Tesla е највисоко интегриран производител во САД со најголем удел на домашни компоненти.
Судирот меѓу двајцата продолжи и јавно, при што Маск апелираше до Трамп да ги укине царините. За време на онлајн дискусија на конгресот на италијанската партија „Лига“, Маск предложи целосно укинување на царините меѓу САД и Европа, велејќи дека царините негативно влијаат на американската индустрија.
Контроверзии и поддршка
И покрај жестоките критики, Наваро остана доследен на својата политика. Тој тврди дека високите тарифи се неопходни за зајакнување на домашното производство и дека тие ќе донесат долгорочни економски придобивки. Но, според анкетата спроведена од професорот Џефри Соненфелд од Универзитетот Јејл, 79% од американските бизнисмени изразиле срам поради трговинската политика на Трамп, а 89% веруваат дека таа може да доведе до рецесија.
Зошто Наваро сè уште има влијание?
И покрај правната пресуда за непочитување на Конгресот и затворската казна од четири месеци, Наваро и понатаму е влијателен глас во тимот на Трамп. Тој инсистира дека неговата стратегија е одговор на „нечесната“ глобална конкуренција и дека САД мораат да водат заштитничка економска политика.
Во услови на зголемени тензии, Трамп на кратко ги одложи некои од царините за 90 дена, но истовремено ги зголеми царините за кинеската стока од 105% на 125%. Тој испрати мешани сигнали до пазарите, тврдејќи дека тарифите се „трајни“, но и дека служат како алатка за притисок врз странските лидери за нови договори.
Трамп ги спаси берзите
Најбогатите луѓе во светот за само еден ден заработија вкупно 304 милијарди долари, што претставува најголем дневен раст во историјата на индексот на милијардери на „Блумберг“ (BBI). Причината за овој неверојатен скок на берзите е одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го суспендира зголемувањето на увозните царини за повеќе земји.
„Најбогатите луѓе во светот во средата го зголемија својот вкупен нето капитал за 304 милијарди долари, што е најголем дневен раст откако постои Блумберговиот индекс на милијардери. Овој бум се случи поради порастот на берзите откако Трамп најави суспензија на царините за дел од трговските партнери“, пренесува Блумберг.
Најмногу профитирал Илон Маск, сопственикот на компаниите „Тесла“ и „Спејс Икс“, кој само во еден ден ја зголемил својата имотна состојба за 35,9 милијарди долари. Акциите на „Тесла“ скокнале за 22,69% по објавата.
И основачот на „Мета“, Марк Закерберг, забележал значителен раст – неговото богатство се зголемило за 25,8 милијарди долари откако акциите на неговата компанија пораснале за 14,76%.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 2 април потпиша указ за воведување на „реципрочни“ царини на увозот од други земји, прогласувајќи го тој ден за „Ден на ослободување“. Минималната основна царинска стапка изнесува 10%.
Иако најголем дел од светот се соочува со геополитички и економски тензии, САД се фокусирани на нова трговска стратегија. Трамп објави дека повеќе од 75 земји не презеле одмазднички мерки и побарале преговори, поради што царините од 10% ќе бидат суспендирани на 90 дена – освен за Кина, која и понатаму се соочува со зголемени царински стапки.