Киев и Варшава се договорија да формираат и заеднички да тренираат нова армиска бригада на територијата на Полска, со цел регрутација на Украинци кои живеат во Полска и останатите земји од Европската Унија.
Таканаречената Украинска Легија, е нова иницијатива за засилување на бројноста на украинските војници, по повеќе од две години од руската инвазија на земјата. Ова би било првата единица која се обидува да регрутира Украинци од надвор од земјата, вклучително и тие кои заминаа од Украина за да не бидат повикани во воените единици.
Формирањето на Украинската Легија, чии сили ќе бидат испратени да се борат во Украина по тренинг во Полска, е резултат на билатералниот безбедносен договор направен помеѓу украинскиот претседател Володомир Зеленски и полскиот премиер Доналд Туск.
„Украинската Легија ќе тренира во Полска и ќе биде опремена со помош на нашите парнтер. Секој украински државјанин кој сака да се приклучи на Легијата ќе може да потпише договор со Армијата на Украина“ изјави Зеленски по потпишувањето на договорот на почетокот на јули.
Засега нема многу информации околу формирањето на Легијата и за тоа како Украинците кои живеат надвор од државата ќе може да се приклучат.
Нејзиното формирање доаѓа откако Украина започна да се соочува со недостаток на војници на фронтот и во период кога руските сили започнуваа да напредуваат.
Експертите веруваат дека доколку се изведе правилно Украинската Легија ќе може значително да ги засили изморените војници и да ги охрабри останатите европски држави да ја поддржат иницијативата или да ја копираат, формирањето програми за тренинг во нивните држави, регрутирајќи Украинци.
Стотици илјади Украинци се пријавија во вооружените сили на земјата во првите месеци откако Русија започна целосна инвазија на почетокот на 2022 година, но повеќе од две години подоцна, бројот на волонтери се намалува. Украинските власти очајнички се обидуваат да најдат начини да го зголемат бројот на војници, за да ги компензираат загубите и да им дадат одмор на војниците исцрпени од повеќе од две години борби.
Претходно годинава, Киев ги интензивираше дискусиите со сојузниците за враќање на Украинците кои се воено-способни и ја напуштиле земјата од почетокот на агресијата, честопати и нелегално. Според Би-Би-Си, околу 650 илјади Украинци ја напуштиле земјата и отишле во држави членки на ЕУ од почетокот на инвазијата.
Полскиот министер за одбрана Владислав Косиниак-Камиз во април рече дека Полска ќе ѝ помогне на Украина да ги врати мажите кои може да служат во војската, додека полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски смета дека таквата активност е „етички двосмислена“, додавајќи дека Киев ќе мора да ја преземе иницијативата.
Конрад Музика, безбедносен аналитичар кој се фокусира на Русија и Белорусија, вели дека креирањето на Украинска Легија покажува дека Украина сепак се одлучила за поинаква стратегија. Легијата ветува дека војниците ќе добијат висококвалитетна обука согласно западните стандарди и дека ќе имаат право да се вратат кај нивните семејства во Европа по ротацијата. На Украинците од 18 до 60 години им е забрането да ја напуштаат државата во воената состојба, со одредени исклучоци.
Според аналитичарите, тренингот во Полска за војниците звучи примамливо, имајќи предвид дека постоечкиот тренинг во Украина не е идеален по квалитет и трае кратко.
„Постојат многу недостатоци кога станува збор за специјализиран тренинг и тренинг за интероперабилност“ вели Музика.
Зеленски на 15 јули рече дека Украина нема доволно капацитети за тренинг на нови војници, кои се пријавуваат во последната кампања за мобилизација.
Олех Черкашин, Украинец кој живее во Словачка од 2019 година, за „Киев Индепендент“ вели дека планира да се приклучи на Украинската Легија за да не се чувствува засрамен.
Запрашан зошто би се приклучил во Украинската Легија, а не во стандардната воена единица базирана во Украина, тој вели дека се надева оти европските инстурктори ќе му помогнат да биде поефикасен и дека тој тренинг ќе овозможи помалку загуби.
Засега не е познато дали е започнато регрутирањето за Украинската Легија, ниту како оди принципот на пријавување. Неколку дена по најавата, полските медиуми известија дека стотици Украинци во Полска изразиле интерес за да се приклучат. На Самитот на НАТО во Вашингтон, полскиот министер за надворешни работи Сикорски спомна дека неколку илјади Украинци во Полска се регистрирале за да се приклучат.
Заменик министерот за одбрана на Полска, Павел Залевски на 19 јули изјави дека украинските конзулати во Полска ќе помагаат со регрутирањето, но од таму велат дека се уште одлучуваат за тоа како ќе тече процедурата.
Од почетокот на инвазијата, Полска тренираше над 20 илјади украински војници, а Украинската Легија е следниот логичен чекор од еден од најголемите сојузници и поддржувачи на Украина, вели Реј Војцик, поранешен американски генерал и воено аташе во американската амбасада во Варшава.
Според полското министерство за одбрана, Украинската Легија ќе го користи искуството на Полска од европската тренинг мисија, ЕУМАМ Украина. Полска е единствената држава од Вашравскиот пакт во НАТО со значајни капацитети за тренинг на големи воени формации како бригади и дивизии, вели Војцик.
Според него, војниците во Легијата веројатно ќе поминат четири до пет месеци основна и специјална обука, за кога ќе пристигнат на фронтот да бидат поефикасни и да бележат помалку жртви.
Ефикасноста на Украинската Легија исто така ќе зависи и од опремата што ќе ја добијат, за што се уште не се знае од каде ќе доаѓа/ Музика се сомнева дека Полска ќе може целосно да ја опреми целата бригада, поради количината на донации кои веќе ги има испратено во Украина.
Според полските медиуми, властите разговараат со останатите земји членки на ЕУ за донирање на финансии за тренингот, како и према. Војцик верува дека напорите на Полска за засилување на безбедносната соработка со Германија ќе доведе до тоа Берлин да се приклучи во тренингот и да ја опреми Украинската Легија.
Чешките власти размислуваат за креирање на слична Украинска Легија во нивната земја или испраќање на инструктори за да помогнат во тренингот во Полска.
Од друга страна, Музика смета дека ќе биде предизвик кога привелегираните припадници на Украинската Легија ќе се сренат со војниците од редовната војска, тренирана и стационирана во Украина. Според него, ротацијата на членовите на Легијата назад во Полска, може негативно да влијае на моралот на украинските сили, кои немале ротација со месеци или години.
Сепак и покрај сите овие предизвици, Војцик верува дека Украинската Легија значително ќе ја засили украинската одбрана.
Извор: Kyiv Independent