Кога зборуваме за плата во Европа, важно е да направиме разлика меѓу бруто и нето заработка. Нето заработката е она што останува кај работникот по одбивањето на даноците и придонесите за социјално осигурување, а понекогаш се земаат предвид и семејните додатоци и повраќаите на данок.
Според податоците за 2024 година, просечната нето плата за лице без деца во Европската унија изнесува 68,6% од бруто платата. Тоа значи дека ако бруто платата е 1000 евра, нето остануваат околу 686 евра, а остатокот од 314 евра оди на даноци и придонеси.
Оваа просечна вредност многу варира меѓу земјите. На пример, во Белгија се задржува само 60,3% од бруто платата, додека на Кипар тоа е дури 84,4%. Други земји со ниска нето плата под 66% се Литванија, Германија, Романија, Данска, Словенија и Унгарија. Највисоки вредности, над 75%, имаат Кипар, Швајцарија, Естонија, Чешка, Бугарија, Шпанија, Шведска, Словачка, Полска и Португалија.
За семејства со еден вработен и две деца, нето платата може значително да се зголеми поради детските додатоци и даночните олеснувања. Просекот во ЕУ е 82,6% од бруто платата, со најниска вредност од 70,4% во Романија и највисока 107,1% во Словачка – каде што нето заработката е дури и повисока од бруто поради „негативен данок“ и додатоци.
Кога двата родители се вработени и имаат две деца, просечната нето плата во ЕУ изнесува 73,6% од бруто платата. Најниска е во Белгија (65,8%), а највисока во Словачка (88,9%).
Конкретно, само лице без деца со просечна плата од 43.105 евра годишно во ЕУ ќе добие нето околу 29.573 евра.
Најголеми бруто и нето плати има Швајцарија, каде бруто надминува 100.000 евра, а нето е над 85.000 евра. Други земји со нето плати над 50.000 евра се Исланд и Луксембург.
Од друга страна, најниски нето плати имаат Бугарија со 11.074 евра и Турција со 11.440 евра годишно.
За семејство со еден вработен и две деца, нето приходот варира од 11.440 евра во Турција до 98.835 евра во Швајцарија, со европски просек од 35.656 евра. За семејство со двајца вработени и две деца, рапснот е од 22.880 евра во Турција до 178.553 евра во Швајцарија, со просек во ЕУ од 63.523 евра.
Овие податоци покажуваат колку значајно влијаат даноците, придонесите и социјалните олеснувања на вистинската заработка и животниот стандард во различните европски земји.