Колумбија прогласи 30-дневна економска и социјална вонредна состојба

Претседателот на Колумбија, Густаво Петро, прогласи 30-дневна економска и социјална вонредна состојба, со цел да ѝ овозможи на владата воведување нови даноци, откако Конгресот ја одби предложената даночна реформа за финансирање на државниот буџет за 2026 година.

Петро, првиот левичарски претседател во историјата на Колумбија, предупреди дека земјата се соочува со „непосредна фискална криза“ која би можела сериозно да влијае врз животниот стандард на граѓаните.

Владата планира да обезбеди дополнителни четири милијарди долари со цел да го покрие буџетскиот дефицит, кој во 2025 година се очекува да надмине седум проценти од бруто-домашниот производ.

Иако колумбиската економија и понатаму бележи раст, со проекција од 2,6 до 2,7 проценти до крајот на годината, јавната потрошувачка и државниот долг растат побрзо од приходите. Петро предупреди дека без воведување на вонредната состојба би можело да дојде до остри кратења во државните финансии.

„Владата нема да дозволи да избие криза. Доколку не се воведе економска вонредна состојба, ќе следуваат резови“, порача претседателот во објава на социјалните мрежи.

Од доаѓањето на власт во 2022 година, Петро иницираше реформи во даночниот, здравствениот и трудовиот систем, но досега целосно се спроведени само реформите во областа на трудот и пензискиот систем.

Зачлени се на нашиот е-билтен