Илјадагодишниот и длабоко симболичен ритуал на избор на нов папа – Конклавата – и годинава го свртува вниманието кон Ватикан. Со извикот „extra omnes“ („сите надвор“), што го упатува мештарот на папските литургиски прослави, започнува најтајниот процес во Католичката црква: изборот на нов духовен водач.
Терминот „конклава“ потекнува од латинскиот израз cum clave, што значи „под клуч“. Имено, кардиналите изборници се заклучуваат во Систинската капела, каде под познатите фрески на Микеланџело го одржуваат гласањето. Обредот завршува со познатиот бел чад од оџакот – знак дека е избран нов папа – и објавата „Habemus papam“ (имаме папа) од балконот на базиликата Свети Петар.
Ригорозна процедура
Кардиналите кои имаат право на глас (под 80 години), пристигнуваат во Рим и се сместуваат во Домот на Света Марта – иста резиденција во која живее папата Франциск. Наутро, на денот на конклавата, тие присуствуваат на миса во базиликата Свети Петар, предводена од деканот на кардиналскиот колегиум – сега тоа е 91-годишниот Џовани Батиста Ре.
Попладнето, облечени во традиционалната кардиналска облека (виолетова наметка, бела кошула со тесни ракави и кратка пелерина), тие се собираат во капелата Свети Павле, каде повикуваат божја помош преку молитва до Светиот Дух.
Потоа, во тивка поворка, се упатуваат кон Систинската капела, каде ги очекуваат дрвени клупи и печка во која ќе се палат гласачките ливчиња. Кога сите ќе положат заклетва, следи повикот „Extra omnes“ и капелата се заклучува – започнува конклавата.
Строга тајност и гласање
На кардиналите им е забрането да користат уреди за комуникација и да имаат контакт со надворешниот свет. На гласачкото ливче, секој кардинал го запишува името на својот избор под фразата Eligo in Summum Pontificem („го избирам за врховен понтифекс“). Ливчето се става во урна со изговорена заклетва дека гласот е даден со чиста совест.
Се избираат три кардинали за броење на гласовите, тројца „инфирмари“ за собирање на гласовите на болните, и тројца ревизори кои ја потврдуваат точноста на бројките.
Откако гласовите ќе бидат пребројани, листовите се пробушуваат, се врзуваат заедно и се палат во печката. Ако резултатот не донесе нов папа (потребно е двотретинско мнозинство), од оџакот излегува црн чад.
Доколку и по три дена нема избор, се прави пауза за молитва и рефлексија, по што гласањето продолжува.
Финалниот момент
Кога ќе биде избран папа, деканот му се обраќа на новоизбраниот со прашање дали ја прифаќа функцијата и кое име ќе го земе. По неговиот потврден одговор, се палат гласачките ливчиња и од оџакот конечно излегува белиот чад.
Следува облекувањето на новиот папа во бела облека во т.н. „соба на солзите“, по што францускиот кардинал Доминик Мамберти, како протоѓакон, од централната ложа на базиликата Свети Петар го објавува изборот.
Новиот папа потоа се појавува пред народот и го изрекува традиционалниот благослов „Urbi et Orbi“ – на градот и на светот.