Современите сингл лица кои трагаат по љубов живеат во време кога и романтиката мора да се вклопи во распоред. Најпрво се појави трендот на „закажување состаноци“, односно на натрупување средби во секој слободен термин. Денес, пак, сè погласно се зборува за кореомантија, односно романса преку секојдневните обврски.
Не е ни чудо што класичните состаноци ја изгубија дел од својата спонтаност и магија. Се следиме на социјалните мрежи, ретко кој може да си дозволи скапи вечери, а и уморот си го прави своето. Запознавањето денес е помалку „гламурозно“, но можеби токму затоа е поискрено. Корео-романсата можеби е само обид љубовта повторно да се врати во секојдневието.
Што е кореомантија?
Терминот опишува нешто што многумина веќе го практикуваат, често и без да го забележат. Според истражување на платформата Plenty of Fish, дури 42 проценти од самците редовно практикуваат кореомантија. Наместо да резервираат посебна вечер за состанок, тие ја претвораат рутината во заедничко време.
„Идејата е секојдневните задачи да станат простор за поврзување“, објаснува Мајкл Кеј од Plenty of Fish. „Состанокот не е нешто одвоено од животот – тој се случува токму во него.“
Истражувањето покажува дека 58 проценти од самците се поврзуваат преку заеднички прошетки со куче, 25 проценти тренираат заедно, а 21 процент дури и неделното купување намирници го доживуваат како состанок.
Прошетка, тренинг, пазарење – и тоа е состанок
Дафне Т. (32) вели дека токму ваквите „состаноци по патот“ се основата на нејзината врска. „Често го шетаме кучето заедно, особено кога сме преоптоварени со обврски. Тоа ни е начин да бидеме заедно, без дополнителен притисок“, вели таа.
Со партнерот почнале и заедно да тренираат, а викендите ги поминуваат во градината или во мали „направи сам“ проекти низ домот. „Секојдневието станува поподносливо, дури и забавно“, додава таа.
Сепак, почувствувале дека постои ризик се да биде „здраво за готово“, па вовеле правило: еднаш месечно секој да организира вистински, изненадувачки состанок. „Лизгање, часови по готвење, картинг – нешто што нè вади од режимот ‘само да се заврши’ и нè потсетува зошто сме заедно.“
Љубов што зајакнува или полека бледее?
Од Plenty of Fish сметаат дека кореомантијата најчесто ги зајакнува врските. „Во секојдневните ситуации се гледа како некој навистина функционира, како комуницира, прави компромиси, се справува со рутината. Тоа често создава побрза блискост отколку класичен состанок“, вели Кеј. Клучот, нагласува тој, е во рамнотежата, кореомантијата треба да биде дополнување, а не замена за квалитетното време.
Сличен став има и Сабрина Зохар, консултант за состанување и водителка на подкастот „Шоуто на Сабрина Зохар“. „Романтизирањето на секојдневието може да биде одличен начин да останете поврзани“, вели таа, но со важно предупредување: „Ако единственото време што го поминувате заедно се обврските, тогаш нешто недостасува.“
Тренд или навика без страст?
„Разликата е во намерата и енергијата“, објаснува Зохар. „Корео-романсата значи, ‘Да ја направиме оваа обврска поубава затоа што сме заедно.’ Рутината, пак, значи: ‘Ова е сè што правиме.’“
Нејзиното правило е едноставно, дали сте заедно затоа што сакате да бидете или затоа што тоа е најлесната опција? Малку кореомантија постои во секоја врска и може да внесе топлина во секојдневието. Но, ако љубовта се сведе само на задачи, а никогаш на заедничко уживање тогаш можеби дошло време за промена.