Крај за владината коалиција во Холандија

Холандскиот десничарски популист Герт Вилдерс објави повлекување на својата партија од владејачката коалиција поради спорот околу политиката за азил. Неговата Партија за слобода (ПВВ) го напушта четирипартискиот сојуз, објави Вилдерс на платформата X.

„Нема потписи за нашите планови за азил. ПВВ ја напушта коалицијата“, објасни тој. Оваа одлука би можела да доведе до нови избори во Холандија.

Спор околу политиката за азил

Холандската владина коалиција, која беше во конфликт околу прашањата за азил, не успеа да постигне договор на обновените консултации вчера. Вечерта, по состанокот со лидерите на другите три коалициски партии, Вилдерс рече дека ќе ја преспие одлуката за евентуално излегување. „Ќе се сретнеме утре, но не изгледа добро“, рече тој.

Минатата недела, Вилдерс ги повика своите коалициски партнери да потпишат план од десет точки, кој, меѓу другото, предвидува армијата да ја чува границата и да се одбиваат сите баратели на азил. По неколку месеци разговори и само неколку коалициски мерки во борбата против миграцијата, неговото трпение истече.

Нови избори?

Ваквата одлука на Вилдерс веројатно ќе доведе до предвремени избори во Холандија. На парламентарните избори во ноември 2023 година, неговата ПВВ освои најмногу гласови и стана најсилната сила во парламентот со 37 од 150 места.

Вилдерс првично сакаше да стане шеф на владата, но неговите антиисламски и антиевропски ставови го отежнаа формирањето влада. По повеќемесечни преговори, Вилдерс конечно објави дека се откажува од функцијата премиер, а неговата ПВВ се договори со Селанската партија, либералната ВВД и Антикорупциската партија НСЦ за коалиција под водство на премиерот Дик Скуф.

Зачлени се на нашиот е-билтен