Москва се надева дека победата на студентската листа во Србија нема да ја прекине соработката со Русија. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во првата реакција по изборите порача дека очекува идната власт во Белград да ги продолжи односите со Москва, кои ги оцени како корисни пред сè за Србија.
Песков изјави дека Русија е подготвена и натаму да ги развива билатералните врски, но посочи дека продолжувањето на соработката ќе зависи и од другата страна.
„Но, како што знаете, за танго се потребни двајца“, рече портпаролот на рускиот претседател, пренесува Интерфакс.
Кремљ упати порака и до Александар Вучиќ, чија коалиција ги загуби изборите. Песков рече дека Москва високо го цени неговиот придонес во руско-српските односи и се надева дека ќе продолжи да ги поддржува и како опозиционер. Притоа потсети дека Вучиќ најави оти останува во политиката.
Реакцијата следува откако Вучиќ го призна поразот на предвремените парламентарни избори одржани на 25 октомври. Москва засега изразува очекувања за идната соработка, додека победничката студентска листа треба да ја преземе одговорноста за формирање нова влада.

