Поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, следната недела ќе објави кандидатура за републиканска претседателска номинација во 2024 година, јавија денеска американски медиуми повикувајќи се на извори запознаени со тоа прашање.
Кристи (60) беше советник на кампањата на Доналд Трамп за Белата куќа во 2016 година, но во последните месеци стана жесток критичар на поранешниот претседател.
Во трката влегува како аутсајдер, бидејќи според анкетата на Ипсос спроведена од 9 до 15 мај, само еден процент од републиканците би го поддржале.
Во вторник, Кристи официјално ќе ја започне својата кампања во градското собрание на колеџот Сент Анселм во Њу Хемпшир. Тој ја повика својата партија да се огради од неоснованите тврдења на Трамп дека изборите во 2020 година биле наместени.