Крвава полициска операција во Бразил: 132 лица убиени во Рио де Жанеиро

Најсмртоносната полициска акција во историјата на Рио де Жанеиро заврши со најмалку 132 загинати лица, според најновите податоци што денеска ги објави државната Канцеларија на јавниот бранител, која обезбедува правна помош за најзагрозените граѓани.

„Според нашите најнови информации, бројот на жртви е 132,“ изјавија од Канцеларијата за француската агенција АФП.

Гувернерот на покраината Рио, Клаудио Кастро, претходно соопшти дека официјалниот број на загинати од полициската акција против нарко-картелите изнесувал околу 60 лица, но предупреди дека бројката може да порасне бидејќи смртните случаи се потврдуваат дури по пристигнувањето на телата во мртовниците.

Во масовната операција, спроведена во вторникот, учествувале 2.500 полицајци, насочени кон сузбивање на трговијата со дрога во неколку населби во северниот дел на градот, во близина на меѓународниот аеродром.

Полициските акции од ваков обем не се реткост во Рио де Жанеиро – главната туристичка дестинација во Бразил – особено во фавелите, сиромашни и густо населени квартови под контрола на нарко-групи.

Минатата година, според официјалните податоци, околу 700 лица биле убиени во полициски операции во овој град, што ја илустрира долготрајната и насилна борба меѓу безбедносните сили и организираниот криминал во Бразил.

Зачлени се на нашиот е-билтен