Непосредно пред почетокот на светската климатска конференција COP30 во Белем (10–21 ноември), вниманието на јавноста повторно се насочи кон злогласниот криминален картел Црвена команда (Comando Vermelho) – најмоќната мафијашка организација во Бразил, која контролира трговија со дрога, незаконито ископување злато и сеча на амазонската прашума, пишува Дојче веле.
Според студија на бразилските разузнавачки служби и Форумот за јавна безбедност, криминалните синдикати како Црвената команда се главни актери во илегалната трговија со злато, дрво и луѓе, а нивната активност претставува сериозна закана за животната средина и локалното население.
„Во нелегалното рударство, Црвената команда е највлијателната организација“, објаснува професорот Родриго Гирингели од Папскиот католички универзитет во Рио Гранде до Сул. Според него, комбинацијата од високи цени на златото, слабата државна контрола и пропусните граници со соседните држави создаваат идеални услови за раст на криминалот.
Картелот управува со цели региони
Во најмалку 260 општини во Амазонија, Црвената команда веќе има присуство, а во половина од нив ја има целосната контрола. Дури и Белем, метрополата на Амазонија, е под силно влијание на оваа организација.
Во последните недели пред конференцијата, картелот наредил прекин на сите градежни работи по 15 часот на трафостаницата што го снабдува градот со електрична енергија, што предизвика паника меѓу локалните власти и компаниите.
Многу жители живеат под „закон на молчење“ – трговците плаќаат рекет, а граѓаните мораат да ги почитуваат наредбите што се шират преку апликацијата WhatsApp.
По масакрот во една фавела во Рио де Жанеиро на 29 октомври, во кој беа убиени над 120 лица поврзани со Црвената команда, жителите на Белем стравуваа од одмазда. Претседателот Лула да Силва нареди ангажирање на вооружените сили за време на конференцијата, како мерка за гарантирање на безбедноста.
Од затвор до меѓународен картел
Црвената команда настанала за време на воената диктатура (1964–1989), кога политички затвореници и криминалци во затворот Кандидо Мендеш се здружиле за заедничка заштита. Од тогаш, организацијата се развила во најмоќниот криминален синдикат во Латинска Америка, со силно влијание врз политички и економски структури.
Според правната експертка Ајала Коуту од Универзитетот во Пара, денес Црвената команда има „карактеристики на меѓународен наркокартел“ – контролира транспортни рути на кокаин и диверзифицира свои незаконски активности низ цел континент.
Со тоа, битката за зачувување на Амазонската прашума повеќе не е само еколошко прашање – туку и војна против организираниот криминал.

