Лами: Гнасни израелски напади врз болниците во Газа

Шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами, денеска ги осуди израелските напади врз медицинските установи во окупираната палестинска енклава Појасот Газа и ги нарече „гнасни“.

Британските медиуми денеска јавија дека во израелски напад врз палестински цели во Појасот Газа, две израелски ракети погодија зграда во болничкиот комплекс Ал-Ахли.

„Израелските напади врз медицинските установи целосно го деградираа пристапот до здравствената заштита во Газа. Болницата Ал-Ахли беше нападната повеќе пати од почетокот на конфликтот. Овие грозоморни напади мора да престанат. Дипломатијата, а не продолжувањето на крвопролевањето, е начинот на кој ќе постигнеме траен мир“, рече Лами во кратка објава на социјалните мрежи.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нападот врз болницата Ал-Ахли бил насочен кон командниот центар на Хамас.

Во соопштението на ИДФ се додава дека болничкиот комплекс го користеле терористите за планирање и извршување терористички напади против силите на ИДФ и граѓаните на државата Израел.

Лекарите од болницата Ал-Ахли претходно денеска соопштија дека нема повредени во израелскиот ракетен напад, но дека се уништени одделот за итни случаи и за прием на пациенти.

Зачлени се на нашиот е-билтен