Лав или Лео – Што се крие зад името на новиот папа?

EPA-EFE/FABIO FRUSTACI
EPA-EFE/FABIO FRUSTACI

Кардиналот Роберт Превост, новоизбраниот поглавар на Римокатоличката црква, го избра духовното име папа Лео(Лав) Четиринаесетти. Со тоа, овој 69-годишен свештеник роден во Чикаго, стана првиот Американец на чело на Католичката црква, која брои околу 1,4 милијарди верници ширум светот.

Превост долги години работел како мисионер во Перу, каде подоцна бил именуван за надбискуп. Таму е познат по својата работа со маргинализирани заедници и по напорите за создавање дијалог и вклучување.

Традицијата на избор на папско име

Една од првите одлуки што новиот папа ја носи по изборот е промената на своето име. Иако ова денес се смета за неизоставен дел од папската традиција, не било секогаш така. Повеќе од пет века, папите носеле свои крстени имиња. Подоцна, името што го избираат станува симболична порака – честопати во чест на претходник или светител чие дело сакаат да го продолжат.

Така, на пример, папата Франциск го доби своето име инспириран од Свети Франциск Асишки и личниот пријател, бразилскиот кардинал Клаудио Хумес.

Зошто „Лав Четиринаесетти“?

Иако новиот папа сѐ уште официјално не ја образложил својата одлука, името „Лав“ носи богата историја во Црквата. Првиот што го носел ова име бил Свети Лав Велики, папа од 440 до 461 година, познат по својата посветеност на мирот. Легендата вели дека токму неговата средба со Атилa, водачот на Хуните, и појавувањето на светите Петар и Павле, го спречиле нападот врз Италија. Тоа историско сценарио е овековечено и во фреска на Рафаело.

Последен кој го носел ова име бил папа Лав Тринаесетти, избран во 1878 година. Тој е запаметен како папа на социјалната правда, особено поради енцикликата Rerum Novarum, каде ја отвори темата за правата на работниците и општествената еднаквост.

Кои се најчестите папски имиња?

Името Лав е меѓу попопуларните во папската историја, но водечко е името Јован. Првото го носел Свети Јован Први во 6. век, а последниот – папа Јован Дваесет и трети – бил прогласен за светец во 2014 година од страна на папата Франциск.

Зачлени се на нашиот е-билтен