Литванија во вторник прогласи вонредна состојба, откако балони за кои литванските власти тврдат дека ги пуштаат криумчари од Белорусија повторно го нарушија воздушниот сообраќај и ја загрозија јавната безбедност. Метеоролошките балони, наводно користени за пренесување криумчарени цигари, неколку пати ја примораа аеродромската контрола во Вилнус да ги прекине операциите, што доведе до итна реакција на државните институции, пренесува Reuters.
„Не станува збор само за цивилно воздухопловство, туку и за национална безбедност“, изјави министерот за внатрешни работи Владислав Кондратович. Прогласената вонредна состојба ѝ дава проширени овластувања на армијата да делува самостојно или во координација со полицијата, иако деталите засега не се објавени.
Белорусија ги отфрла обвинувањата и тврди дека токму Литванија спроведува провокации, меѓу кои и наводно испраќање дрон со „екстремистички материјали“ на белоруска територија. Вилнус ги нарекува овие тврдења апсурдни и дел од поширок хибриден притисок. Европската комисија веќе предупреди за сериозноста на ситуацијата, а Урсула фон дер Лајен ги опиша упадите на балони како „хибриден напад“ од страна на Белорусија, што ЕУ го смета за неприфатлив.
Литванија и во претходните години прибегнуваше кон вонредни мерки поради тензии со Белорусија и Русија, најпрво во 2021 година поради зголемениот број илегални мигранти, а потоа и во 2022 година по почетокот на руската инвазија врз Украина.

