„Луфтханза“ вети дека ќе се справи со нацистичкото минато на 100-годишнината од компанијата

„Луфтханза“

Германската водечка авиокомпанија „Луфтханза“ вети дека дополнително ќе ги истражи врските на компанијата со нацистичкиот режим, признавајќи ја одговорноста за ова темно поглавје во историјата на авиокомпанијата на 100-годишнината од нејзиното основање.

„Луфтханза очигледно беше дел од системот“, рече извршниот директор на авиокомпанијата, Карстен Шпор, во забелешките објавени во среда по повод еден век од основањето на првото претпријатие „Луфтханза“.

За време на владеењето на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер од 1933 до 1945 година, „Луфтханза“ беше интегрирана во воената економија и бескрупулозно ги експлоатираше принудните работници во работилниците и фабриките за оружје, истакна Шпор.

„Луфтханза беше компанија на националсоцијализмот“, рече германскиот историчар Манфред Григер, коавтор на новата корпоративна историја нарачана од авиокомпанијата.

Оваа симбиоза се покажа како фатална за „Луфтханза“ на крајот од Втората светска војна, рече Григер. „Компанијата целосно пропадна со режимот за кој се врза“.

Првата компанија на „Луфтханза“ е основана во 1926 година и е принудена да се ликвидира по војната, бидејќи сојузниците ја сметале за дел од воздухопловните сили, или „Луфтвафе“.

Нова компанија е основана во 1953 година, а претходниот менаџмент постојано нагласувал дека единствената врска меѓу двете е името, боите и логото.

Главниот извршен директор Шпор се дистанцирал од минатите обиди да се игнорира нацистичкото минато на компанијата, додавајќи дека новиот пристап добил широка поддршка меѓу вработените.

Како дел од прославата на овогодинешната годишнина, „Луфтханза“ нарачала нова историја на компанијата која експлицитно треба да фрли светлина врз „активната улога“ на авиокомпанијата за време на нацистичката ера.

Книгата од историчарите Григер, Хартмут Бергхоф и Јерг Лешенски треба да биде објавена во март.

Зачлени се на нашиот е-билтен