Според ново глобално истражување спроведено во период од пет години, Индонезија се истакнува како држава каде што луѓето најмногу напредуваат. Не поради економска моќ, туку поради нешто подлабоко.
Истражувањето, познато како Глобално истражување за напредок (Global Flourishing Study), е дело на експерти од „Харвард“ и „Бејлор“, во соработка со „Галуп“. Тие анализирале податоци од над 200.000 испитаници во 22 земји, проценувајќи не само среќа и задоволство од животот, туку и ментално и физичко здравје, смисла и цел во животот, морални вредности и квалитетот на меѓучовечките односи.
И покрај тоа што Индонезија е земја со среден доход, таа се најде на првото место со највисок вкупен индекс на напредок, пред Израел, Филипините и Мексико. Истражувачите забележуваат дека додека многу развиени држави имаат поголема финансиска стабилност, кај нив се јавува помал степен на смисла, социјална поврзаност и квалитетни односи.
Младите на возраст од 18 до 29 години се покажуваат како помалку „напредни“
Околу три четвртини од Индонезијците посетуваат верски служби барем еднаш неделно, што ја објаснува силната поврзаност и заедништво во ова општество.
- Индонезија често се споредува со Јапонија во контекст на меѓународниот развој. Иако економскиот раст можеби е ограничен, нашето истражување покажува дека фокусот само на економијата не ја открива целосната слика – пишуваат авторите во анализа објавена за „Њујрок тајмс“.
За разлика од Глобалниот извештај за среќа, кој ја мери идејата за „најдобар можен живот“, ова истражување се фокусира на целосната благосостојба на човекот во однос на неговата средина. Авторите посочуваат дека концептот на „напредок“ вклучува и тоа колку средината е поволна за личен раст.
Тие заклучуваат дека економската благосостојба не е главниот фактор во чувството на напредок.
- Ова не значи дека БДП ја намалува смислата во животот, туку дека вистинската цел е општество со високо ниво и на економски развој и на животна смисла – и прашањето е како да се постигне тоа – велат авторите.
Исто така, истражувањето открива дека традиционалната U-форма на среќа во животот (високо ниво на среќа во младоста, пад во средните години и повторен раст во староста) станува сè помалку изразена. Особено младите на возраст од 18 до 29 години се покажуваат како помалку „напредни“ отколку што се мислеше. Причини за ова се социјалната изолација, економските грижи, политичката нестабилност и недостатокот на јасна животна насока.
Извор: Fortune.com