Проект на германски инвеститор за претворање на тунелски систем од Втората светска војна во луксузен бункер за богатите предизвика гнев кај потомците на затворениците кои ги граделе тунелите под нацистичкиот режим.
Тунелите, изградени од затвореници од концентрациониот логор Langenstein-Zwieberge, долг 13 километри, биле дело на принудна работа на речиси 7.000 луѓе, од кои половината загинале. Семејствата на жртвите ја осудуваат иницијативата на инвеститорот Петер Карл Југл, кој планира да ги претвори тунелите во супербункер под името „Малахит“.

Проектот предвидува простор од 70.000 квадратни метри, опремен со амбуланти, училиште, казино, теретана, па дури и вештачки изгрејсонца. Апартманите се дизајнирани како „луксузно сместување на јахта,“ а клиентите би плаќале преку систем на криптовалути, каде еден сантиметар простор чини една паричка.
Југл, за кого германските медиуми наведуваат дека има контроверзно минато, изјави дека не разбира зошто проектот предизвикува толку реакции. „Градам објект за спасување човечки животи,“ тврди тој, нагласувајќи дека тунелите немаат директна врска со логорот, кој е два километри оддалечен.

Сепак, потомците на затворениците го обвинуваат дека се интересира само за профит. Од Министерството за култура потврдија дека местото е заштитен споменик и дека инвеститорот сè уште нема побарано дозвола за градба.
Геро Федке, одговорен за меморијалната зона на кампот, го нарече проектот „несоодветен начин на справување со историското наследство,“ додавајќи дека ваквите проекти ги обезвреднуваат страдањата на жртвите.
фото: BunkerCoin