Европа не смее да стане технолошки зависна од САД и Кина, порача денеска францускиот претседател Емануел Макрон на француско-германскиот самит во Берлин, посветен на технолошката сувереност на Европската Унија.
„Да бидеме јасни – Европа не сака да биде клиент на големите решенија што ги нудат САД и Кина. Сакаме да развиваме сопствени технологии“, истакна Макрон, додавајќи дека Унијата „едноставно одбива да биде вазал“.
Францускиот претседател предупреди дека Европа заостанува на полето на напредните технологии, особено во трката за развој на вештачка интелигенција, и дека тоа ја прави ранлива.
„Постои цена за независност, но таа мора да се плати“
Макрон нагласи дека краткорочно, независноста бара значителни инвестиции:
„Постои цена за тоа да не бидеш вазал – мора повторно да инвестираме. Но ова е суштинска инвестиција која бара храбри одлуки“.
Тој ја истакна „европската преференција“ како прв приоритет, особено во јавните набавки, со цел да се даде простор на европските технолошки компании да растат и да се натпреваруваат.
„Кина има целосна кинеска исклучивост, САД имаат силна американска преференција. Единствено Европа никогаш нема европска преференција – напротив, често дури сме фасцинирани од неевропски решенија“, изјави Макрон.
Слична порака и од германскиот канцелар
Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека ЕУ мора да ја поедностави регулативата и да инвестира во дигитална независност.
„Сведоци сме на системско ривалство меѓу САД и Кина, двете најголеми технолошки сили. Европа не смее да го препушти ова поле“, предупреди Мерц.
Освободување од технолошките зависности
Макрон повика ЕУ да ги намали зависностите на сите нивоа: во критичните технолошки инфраструктури, клауд услугите, софтверските решенија и обработката на податоци.
„Не можете да ја сведете моќта на вашата економија на Седумтемина величествени“, рече тој, мислејќи на американските технолошки гиганти Alphabet, Amazon, Apple, Meta, Microsoft, Nvidia и Tesla.
„Недозволиво е да го препуштите функционирањето на демократскиот систем на овие седум компании.“
Според Макрон, Европа мора да ја смени стратегијата: наместо најпрво да регулира, треба „прво да иновира, па потоа да регулира“.
Тој порача дека само технолошки самостојна Европа може да биде политички и економски силна во следните децении.

