Францускиот претседател Емануел Макрон во Давос изјави дека Европа нема да попушти пред насилниците ниту да биде заплашена, во остра критика кон заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе високи тарифи доколку Европа не му дозволи да го преземе Гренланд.
Додека другите европски лидери се обидоа да задржат умерен тон за да спречат ескалација на трансатлантскиот спор, Макрон излезе со храброст.
Франција и Европа нема „пасивно да го прифатат законот на најсилниот“, рече Макрон на Светскиот економски форум во Давос, додавајќи дека спротивното би довело до нивна „вазализација“.
Наместо тоа, рече тој, Европа ќе продолжи да се залага за територијален суверенитет и владеење на правото, и покрај она што го нарече поместување кон свет без правила. Тоа би можело да вклучува одговор на ЕУ со свои високи трговски санкции.
НЕ ЗА НАСИЛНИЦИТЕ
„Ние претпочитаме почит пред насилниците“, рече Макрон. „И претпочитаме владеење на правото пред бруталност.“
Макрон носеше авијатичарски очила за сонце за време на својот говор, за кои Елисејската палата рече дека биле за да ги заштитат неговите очи поради пукнат крвен сад.
Тој го одржа говорот откако Трамп се закани со огромни царини за француското вино и шампањ и објави приватни пораки од Макрон, што претставува невообичаено кршење на дипломатската дискреција.