Мали го обвини соседен Алжир дека е спонзор и извозник на тероризам, откако минатата недела алжирската армија собори малиски дрон во близина на заедничката граница.
Министерството за надворешни работи на Мали со остар тон го оспори тврдењето на Алжир дека дронот навлегол во алжирскиот воздушен простор, нарекувајќи го инцидентот „непријателски и намерен чин“.
Ситуацијата доведе до зголемени тензии меѓу двете земји, особено бидејќи Мали, заедно со Нигер и Буркина Фасо – членки на новоформираната Алијанса на државите од Сахел (AES) – ги повикаа своите амбасадори од Алжир и заеднички го осудија нападот. Тие тврдат дека соборувањето на дронот спречило неутрализација на терористичка група која подготвувала напади врз AES.
Алжир ја отфрли критиката како „неоснована и без потреба за реакција“, објаснувајќи дека дронот бил вооружен и навлегол два километри во нивниот воздушен простор. Мали, пак, тврди дека остатоците од леталото биле пронајдени речиси 10 километри внатре во нивната територија и најави жалба до меѓународни тела, како и повлекување од безбедносна иницијатива што ја вклучува Алжир.
Односите меѓу двете земји се влошени уште од пучот во Бамако во 2020 година. Алжир porano играше улога на посредник во конфликтот меѓу Мали и туарешките сепаратисти, но сега е обвинет од малиската хунта дека им обезбедува засолниште на бунтовниците. Алжир неодамна распореди трупи на границата за да спречи инфилтрација на милитанти од регионот на Сахел.