Маносферата зема замав – Што се емотиконски пилули и инцел? Серијата „Адолесценција“ ја отвори темата за булингот и токсичната машкост

Цел еден онлајн свет на токсична машкост постои на интернет, поттикнуван од мизогини инфлуенсери. За ова – емотиконите, инцелите ( Инцел е термин поврзан со претежно онлајн субкултура на луѓе, кои се дефинираат себеси како неспособни да најдат романтичен или сексуален партнер), токсичната машкост, булингот и насилството – во последниве денови многу се зборува, благодарение на хит-серијата „Адолесценција“.

Замислете специјални полициски сили да ви упаднат дома во зори, со долги цевки да влетат во собата на вашето дете и да го уапсат вашиот 13-годишен син под сомнение за убиство. Вие викате „Грешите, тоа е само дете!“, а синот вели „Тато, не направив ништо!“, но полицијата го одведува. И тогаш сфаќате дека не го познавате доволно вашето дете ниту проблемите со кои се соочува.

Токму ова е темата на серијата The Adolescence, која деновиве предизвикува бурни реакции низ светот, бидејќи ги отвора прашањата за поими кои многу родители никогаш не ги чуле. „Гледаме како нашите деца западнуваат во онлајн простори како што е маносферата, како се восхитуваат на личности како Ендрју Тејт, каде што се пропагира мизогинија, насилство, што ги изложува на сериозни ризици, а ние како родители често не знаеме како да се справиме со тоа“, вели психологот Сенка Секулиќ.

Симболиката на емотиконите во масносферата

А како и би знаеле, кога сè се случува преку социјалните мрежи, а дури и еден обичен емотикон може да биде тригер? „Тоа е повик на акција од маносферата. Според нив, 80% од жените ги привлекуваат само 20% од мажите. Жените мора да ги измамат мажите бидејќи инаку нема да можат да ги освојат“, објаснува ликот на синот во серијата, кој му појаснува на својот татко, детектив, што всушност се случило во комуникацијата помеѓу жртвата и убиецот во Адолесценција.

Во маносферата, секој емотикон има свое значење:

💪 (билдан бицепс) означува силен, доминантен маж,

🐍 (змија) ги претставува мажите што ги поддржуваат жените и феминизмот – сметани за предавници,

🐱 (мачка) се користи како навреда за жени,

🤡 (клаун) се потсмева на мажите што ги поддржуваат жените,

🐺 (волк) симболизира „самотен волк“, архетип на алфа-машкост.

Инцелите – мажи во присилен целибат

Посебно место во маносферата заземаат „инцелите“ (involuntary celibates) – мажи кои живеат во присилен целибат и своите љубовни неуспеси им ги препишуваат на жените. Нивните фрустрации се излеваат во насилни идеологии кои промовираат омраза кон жените и доминација на мажите.

Во оваа сфера доминираат контроверзни фигури како Ендрју Тејт – самопрогласен мизогин инфлуенсер кој собра милионска публика на социјалните мрежи, фалејќи се со ултралуксузен живот, скапи автомобили, приватни авиони и јахти. Познат е по изјавите како: „Верувам дека жената му припаѓа на мажот во брак“.

Онлајн содржините како оружје за индоктринација

Учениците постојано се изложени на вакви пораки, веднаш штом ќе ги вклучат своите уреди. „Алгоритмите им пласираат слична содржина одново и одново, а тие некритички ја впиваат. Сето тоа го прифаќаат без доволно размислување, па наместо да преиспитуваат сопствени ставови и однесување, тие ја префрлаат вината на жените – сметајќи ги за глупави и недостапни“, вели педагогот Ана Јуратек.

Серијата Адолесценција го прикажува екстремниот исход на ваквата индоктринација – 13-годишно момче, изложено на мизогинија и булинг, станува убиец. Родителите не ни знаеле дека нешто се случува. Истото важи и за нашето општество – за овие теми ретко се разговара во училиштата, ниту, пак, дома.

„Додека имаме страв таму каде што треба да има комуникација, додека имаме држава што ги исцрпува родителите наместо да им помага, личности како Ендрју Тејт ќе продолжат да вршат огромно влијание – и тоа исклучително опасно“, заклучува психологот Сенка Секулиќ.

Или, како што вели коавторот на серијата Стивен Греам, кој во неа го глуми таткото: „Јас никого не обвинувам. Само сметам дека сите сме одговорни и дека треба да разговараме за ова“.

Да, екраните и социјалните мрежи стануваат новите родители.

Зачлени се на нашиот е-билтен