Машиновозачите во Њу Џерси штрајкуваат – бараат плата од 170.000 долари годишно

Првиот штрајк на машиновозачите во јавниот транспорт во Њу Џерси по повеќе од 40 години сериозно го наруши железничкиот сообраќај низ државата. Повеќе од 350.000 патници беа принудени да бараат алтернативни начини за патување до работа или да останат дома, откако возачите на „Њу Џерси Транзит“ стапија во штрајк поради неуспешни преговори за плати.

Синдикатот на машиновозачите, кој претставува околу 450 вработени, бара годишна плата од 170.000 долари. Според синдикатот, моменталната просечна плата изнесува 113.000 долари, додека менаџментот тврди дека реалната просечна компензација е 135.000 долари, а некои машиновозачи заработуваат и над 200.000 долари годишно.

„Њу Џерси Транзит“, трет по големина јавен транспортен систем во САД, соопшти дека поради штрајкот е во можност да обезбеди само 20% од нормалниот капацитет на патници преку автобуски превоз. Компанијата повика на трпение и препорача патниците да планираат алтернативни рути.

Штрајкот следи по неодамнешното отфрлање на предложениот договор за плати од страна на синдикатот, а последната рунда преговори во четврток не донесе решение. Засега не е јасно кога ќе се продолжат разговорите или кога би можел да заврши прекинот на работата.

Зачлени се на нашиот е-билтен