Според информации на Ројтерс, германската Commerzbank се подготвува за отпуштање на неколку илјади вработени како дел од стратегијата за намалување на трошоците. Два извора запознаени со ситуацијата потврдуваат дека оваа мерка ќе погоди голем број работници, додека трет извор проценува дека ќе бидат отпуштени меѓу 3.000 и 4.000 од вкупно 42.000 вработени.
Оваа одлука е дел од поширокиот план на банката со седиште во Франкфурт, чија цел е намалување на расходите и зачувување на нејзината независност во однос на потенцијалното преземање од страна на италијанската UniCredit.
Надзорниот одбор на Commerzbank ќе разговара за мерките со менаџментот на средбата во среда, а официјалното претставување на стратегијата е најавено за четврток, откриваат извори.
Од Commerzbank засега не ги коментираат овие наводи, но претходни извештаи сугерираат дека банката планира и затворање на 240 филијали.
Претседателот на работничкиот совет изрази загриженост за ситуацијата, но и надеж дека преку заеднички напори банката ќе ја надмине кризата.
Инаку, Commerzbank веќе се соочи со сериозни финансиски проблеми во текот на кризата во 2007 година, особено по преземањето на Dresdner Bank, пренесуваат германските медиуми.